Речиси половина милион луѓе протестираа против десничарскиот екстремизам низ Германија

Протести во Германија / Фото EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Околу половина милион луѓе демонстрираа против десничарскиот екстремизам низ цела Германија во текот на изминатиот викенд, покажуваат прелиминарните податоци на тамошното Министерство за внатрешни работи.

Според портпаролот на германското МВР, против екстремната десница протестирале 457.000 луѓе на 128 настани. Поради недостиг на бројки од покраините Хамбург, Мекленбург-Западна Померанија и Сар, ова е привремена бројка, нагласи портпаролот, пренесува ДПА.

Според полицијата, повеќе од 150.000 луѓе се собрале во саботата пред зградата на Рајхстагот во Берлин, во која се наоѓа Долниот дом на германскиот парламент, за да демонстрираат за демократија и толеранција. Организаторот информираше за 300.000 учесници.

Министерството за внатрешни работи редовно ги базира своите бројки на проценките на полицијата.

Улични протести се одржаа во разни градови низ Германија по извештајот објавен на 10 јануари од истражувачката новинарска група Коректив. Извештајот откри детали од состанокот во ноември меѓу радикалните десничари и поединечни политичари од партијата Алтернатива за Германија (AfD) на кој се разговарало за плановите за протерување на милиони луѓе со имигрантско потекло.

На собирот се разговарало за тоа како да се натераат голем број странски државјани – вклучително и баратели на азил, како што групата ги нарекува „неасимилирани граѓани“ и имигранти со германски пасоши – да ја напуштат земјата, дури и под принуда.

За денеска се планирани повеќе протести против десничарскиот екстремизам, меѓу кои и митинг во Франкфурт, на кој се очекуваат да учествуваат околу 7.000 луѓе, посочува ДПА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот