Статуа на Алфред Нобел во ОслоФото: EPA PHOTO SCANPIX/ERLEND AAS/pk / LOCH-bw

Постои реална можност Трамп да ја освои Нобеловата награда за мир

Шпанскиот весник Ел Паис денес процени дека американскиот претседател Доналд Трамп е еден од 338 кандидати со реални шанси да ја освои Нобеловата награда за мир, иако обложувалниците му даваат само три проценти шанси за победа.

Трамп со месеци инсистира дека ја заслужува оваа награда поради мировните иницијативи што ги започна како посредник во преговорите меѓу земјите што се непријатели, објави весникот.

Оваа година, Норвешкиот Нобелов комитет доби вкупно 338 номинации, од кои 244 се поединци, а 94 се организации.

Директорката на Институтот за истражување на мирот во Осло (PRIO), кој го советува Комитетот, Нина Грегер, потврди дека Трамп е меѓу номинираните, иако списокот на номинации не е објавен.

Во својот тестамент, Алфред Нобел, кој ги воспостави наградите именувани по него, опиша дека идеален кандидат за Наградата за мир е лицето кое најмногу придонело за промоција на братството меѓу народите, укинувањето или намалувањето на армиите и промоцијата на мировните конгреси.

Според Грегерова, овој опис е во спротивност со некои од иницијативите што ги иницираше Трамп.

Како примери таа ги наведе повлекувањето на САД од глобалните договори и трговската војна што го нарушуваат принципот на промоција на меѓународната соработка, додека намерата за окупирање на Гренланд, доколку се реализира, би претставувала кршење на меѓународните закони.

Според Грегерова, најголемата пречка е претерано „деловниот“ став на американскиот претседател кон мировните преговори, бидејќи, како што наведува, „не станува збор само за ракување“.

Таа не ја исклучува можноста Трамп да ја освои Нобеловата награда, иако смета дека е малку веројатно, а нејзиното мислење го делат и обложувалниците кои вчера му дадоа само три проценти шанса за победа на платформата Полимаркет.

Доналд Трамп во Вашингтон/Фото: Mandel NGAN / AFP / Profimedia

Најверојатно да ја добијат Нобеловата награда за мир е Иницијативата за хуманитарна помош за Судан, каде што избувна граѓанска војна во 2023 година, „Собите за итен одговор на Судан“ (ERR) со 32 проценти шанси, по што следуваат Лекари без граници со 13 проценти и вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, Јулија, со 10 проценти шанси.

Потоа тука е Меѓународниот суд на правдата, на кој обложувалниците му даваат седум проценти шанси, како и Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци UNRWA со три проценти.

Директорот на норвешкиот Нобелов институт, Кристијан Берг Харпвикен, одби да коментира за номинацијата на Трамп поради клаузула за доверливост.
Нему и на другите пет члена на панелот, политичари назначени од норвешкиот парламент, им е забрането да објавуваат какви било информации за кандидатите поради безбедноста на секој кандидат.

И покрај фактот дека Комитетот ригорозно го оценува профилот на секој кандидат, конечната одлука за победникот понекогаш предизвикува значителни контроверзии и критики, според Ел Паис.

Еден од најзначајните случаи од ваков вид беше доделувањето на наградата во 1973 година на Хенри Кисинџер и Виетнамецот Ле Дук То за нивните напори за постигнување прекин на огнот во Виетнамската војна.

Оваа одлука предизвика протести во Норвешка, а причината беше дека конфликтот не бил завршен со нивните напори.

Ле Дук То одби да ја прими Нобеловата награда, додека Кисинџер не присуствуваше на церемонијата на доделување, потсети весникот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот