Разговор со визуелниот уметник Велимир Жерновски: Историја што не сугерира иднина

Спасот на планетата Земја од еколошката катастрофа, фасцинацијата од Вселената, критиката на паланечкиот дух, но и животот и смртта се теми што ги инспирираат делата на визуелниот уметник Велимир Жерновски. Во рамките на групната изложба „Сета љубов“, поставена во Музејот на современата уметност во Скопје, е селектирана неговата инсталација „Однасловено: Трепкај, трепкај“ од 2014 година, а тука разговараме и за други остварени и неостварени уметнички проекти.

Со каква идеја беше создадена инсталацијата пред шест години и како сега гледате на неа поставена во МСУ?

– Инсталацијата е дел од долгорочно истражување на кое работев изминатите години со обединувачки наслов „Однасловено“ и е составена од мека фигура направена од розово кадифе, која беше замислена како „детска“ играчка, која во различни контексти ќе добива различни значења. Таа претставува симбол на историја изградена врз искуство на постојан неуспех, срам и загуба. Историја што не сугерира иднина. Крајно траорна сцена што си поигрува со сликата за смртта во детски манир, навестувајќи желба за нови читања, нови битки, нови почетоци кои ќе ја одбијат репродукцијата на сегашноста таква каква што ја познаваме. Инсталацијата првпат беше поставена во 2014 година на изложбата „Заједничка снага“ во галеријата на КЦ „Град“ во Белград, а таа и денес во МСУ-Скопје некако директно се обраќа на ситуацијата во која се наоѓаме. Чудно, сосема различно време и поинакви проблеми, но сепак, како да не се смениле многу нештата.

Инсталацијата „Однасловено: Трепкај, трепкај“ прикажува крајно траорна сцена која си поигрува со сликата за смртта во детски манир

Претходно, Ваше дело беше дел од групната изложба „Паник рум (panic room) или скок во мислењето“, каде што главна тематика беа последиците од климатските промени, но и можните начини на редизајнирање или ресетирање на човековиот однос кон природното и социјалното опкружување. Кој е Вашиот став кон овие тематики?

– Планетата Земја е во неповратен процес, исто како и ние. Следејќи ги сопствените долгорочни интереси работам на визуелно творештво, кое ги адресира современите проблеми и ја поддржува визијата за трансформација и транзиција кон вселената за некоја „нова“ иднина што доаѓа. Земајќи ја предвид љубопитноста на луѓето за нашиот универзум, градам наратив преку најразлични визуелни практики. Тие се создадени во процес на најразлични соработки и ја отсликуваат меланхоличната патека на човековата интеракција со природата. Тие претпоставуваат осамена иднина за човековиот род како резултат на недостатокот на грижа за природата. Месечините, црните дупки, како и празните простори алармираат за иднината на нашата планета. Како вид, ние сме сѐ позаинтересирани за најразлични нови теории и астрофизички практики, но во исто време стануваме клучна причина за климатски промени на планетата Земја. Тоа е одговорност што мора да ја прифатиме, како би промениле нешто и би оставиле пристоен свет за генерациите што доаѓаат. Во опкружување во кое интеракцијата често цели кон конфликт, понатамошно трагам по надворешни фактори кои може да ја збогатат мојата работа и да ја поместат оваа состојба на умот. Во таа смисла, вмрежувањето и соработката со автори, перформери, научници, истражувачи, маргинализирани групи и активисти е круцијална во мојата работа. Овие принципи ги сметам за неопходни и повеќе од потребни воопшто, не само во контекст на уметничките практики.

Во опкружување во кое интеракцијата често цели кон конфликт, понатамошно трагам по надворешни фактори што може да ја збогатат мојата работа и да ја поместат оваа состојба на умот (Фотографија: Жарко Чулиќ)

Пандемијата на ковид-19 спречи реализација на многу проекти и идеи. Колку Вие сте задоволен од тоа што го постигнавте годинава и дали останаа проекти што не успеавте да ги финализирате?

– Особено сум благодарен кон сите луѓе со кои успеав да соработувам во овој период. Бев дел од неколку прекрасни и значајни изложби (конкретно во пандемскиот период) и активно работам на проектите „Отаде: Непознатото“ и „Отаде: Галаксијата“, кои во изминатите две години се поддржани од интердисциплинарната програма на Министерството за култура. Оваа релативно нова програма овозможува еден поинаков пристап, преку долгорочна работа да се обединат и да се ангажираат луѓе од најразлични професии околу еден концепт и преку заедничка и хоризонтално поставена уметничка практика да дојдат до резултат. Во овој контекст морам особено да се заблагодарам на колегите Ивана Коцевска, Ивана Нелковска, Весна Аранѓеловиќ, уметничката група ОПА (Опсесивно-посесивна агресија), со кои цела година напорно работевме на конципирање на еден интересен судир на астрофизички наратив во рамките на поединечните уметнички читања, како и на проф. Јован Шумковски, Марко Мижимаков и Владимир Јанчевски, кои не беа директно вклучени во процесот на конципирање на проектот, но дадоа свој несебичен придонес кон крајната цел – просторно специфична поставка во еден од историските музеи во Скопје, за која со нетрпение очекувам да се случи во најблиска иднина.

Исто така, оваа година активно работиме и на сценскиот перформанс „Отаде: Галаксијата“ со композиторот Александар Пејовски, колективот „Ветерница“, Милош Стојановиќ, Билјана Димитрова и многу други. Верувам дека публиката ќе има можност да ги види овие исклучително комплексни дела по следното олабавување на мерките за заштита од ковид-19, бидејќи и двата концепта се замислени како непосредни и блиската интеракција со публиката е особено важна. Тие не можат да бидат претставени преку презентација на социјалните мрежи, односно преку моментално достапните медиуми за презентација на културната понуда.

Во таа смисла, какви се плановите за следната година?

– Следната година е несомнено поврзана со минатата, но и онаа по неа и во тој контекст би рекол дека само се надевам на континуирана работа, нови предизвици и конечно заокружување на веќе започнатите проекти. Исто така, иако во моментот не изгледа возможно, се надевам дека целокупниот општествено-социјален живот ќе добие нови можности за бидување. Невозможно е да се вратиме кон старата нормалност, но колку нелогично да звучи од оваа перспектива, најискрено се надевам дека ќе изнајдеме механизми навистина да создадеме некое „ново нормално“. Подразбирајќи дека ќе научиме многу работи од оваа незавидна ситуација во која се најдовме и дека заедно и солидарно, полека и посветено ќе изградиме нов, поубав свет по мера на индивидуата и на слободниот човек.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 62, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот