
Разговор со Весна Станојевска Микиќ: Харфата е специфичен и уникатен инструмент
Харфистката Весна Станојевска Микиќ во соработка со композиторката Ана Пандевска го изведе делото „Урбан пулс“ – за соло харфа и лента, а за композицијата е снимен и видеоспот во режија на Андреј Марјановиќ.
Препорачано
Композицијата „Урбан пулс“ – за соло харфа и лента е напишана во електроакустичен стил, односно покрај акустичниот звук на инструментот се додаваат и звуци од градот снимени на лента. Тоа е карактеристика на творештвото на композиторката Ана Пандевска, додека кај харфистката Весна Станојевска Микиќ подолго време тлеела желба да биде создадено дело за соло харфа.
На чија идеја или иницијатива се појави видеото „Урбан пулс“ – музика за соло харфа и лента?
– Идејата беше моја и со оглед на тоа што сѐ уште не е напишано македонско дело за соло харфа решив да поразговарам со композиторката Ана Пандевска. Подолго време го следам нејзиниот начин на работа, којшто многу ми се допадна, бидејќи е модерен специфичен спој на современа класична музика со лента, наречен електроакустично дело.
Како се одвиваше соработката со композиторката Ана Пандевска во креацијата на електроакустичното дело „Урбан пулс“?
– Соработката беше одлична. Во текот на подготовките додека го пишуваше делото на неколку наврати се консултираше со мене, што ја претставува големината на еден композитор.

Прилично ретко се создаваат дела за соло харфа, а ретки се и луѓето што свират на харфа. Зошто е тоа така?
– Дела за камерна музика, каде што е вклучена и харфата, постојат, но за соло харфа, за жал, нема. Самиот инструмент веќе поодамна не се изучува во нашето нижо и средно музичко училиште „Илија Николовски-Луј“. Не знам зошто е тоа така, но за околу 20 години ќе нема повеќе кој да нѐ наследи и да свири во нашите оркестри ако брзо не се преземе одговорност околу тоа да се примаат нови ученици. Двата постојни инструменти од кои едниот се наоѓа во средното музичко училиште, а другиот на Факултетот за музичка уметност, полека но сигурно пропаѓаат. Треба сериозна репарација на инструментите и упатувам апел да се купи една помала харфа со 40 жици за помалите деца од нижото образование.

Како харфистка работиш во оркестарот на македонската Национална опера и балет. Како се случи во животот професионално да се занимаваш со свирење на харфа?
– Работам 19 години како харфист во Оркестарот на Националната опера и балет. Школувањето со музика го започнав во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ на моја петгодишна возраст за во средното училиште и на факултетот да бидам на инструментален отсек – харфа, а со самото тоа знаев каде води мојот животен пат и дека тоа ќе стане и моја професија.
Кои се спецификите на инструментот, освен што е голем и тежок?
– Харфата е доста специфична и уникатна со тоа што има 7 педали во три нивоа кои се наоѓаат во долниот дел на инструментот со кои се менуваат скалите (дурови и молови). Механизмот и сложеноста на инструментот понекогаш претставуваат „проблем“ и на композиторите и на изведувачите, а има 47 жици.
Дали видеоспотот „Урбан пулс“ може да биде предизвик за поголем проект што би вклучил концерт или албум со музика за соло харфа?
– Секако дека е предизвик и моја голема желба за концерт со дела од македонски автори, затоа што ја сакам и почитувам современата музика.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 156, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 ноември 2022)