Разговор со Филип Ивковски: Младите можат, но не се доволно вклучени во носењето одлуки што ги засегаат нив

Фото: „Младите можат“

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на младите, кој претставува можност да се насочи вниманието кон младинските прашања низ светот.

Многумина велат дека младите луѓе се двигатели на едно општество. Но, колку младите луѓе во Македонија се мотивирани да ги направат тие промени во својата држава и кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат во своето секојдневие?

На оваа тема поразговаравме со Филип Ивковски од здружението „Младите можат“. Тој е студент по правни науки, кој веќе 10 години е активен во граѓанскиот сектор и работата со млади лица. Во моментов, тој е координатор за членство и координатор на програмите за ментално здравје во „Младите можат“ и актуелен в.д. Претседател на Националниот младински совет на Македонија.

Филип, дали може да ни кажете нешто повеќе за „Младите можат“? Колку време постои ова здружение и кои се вашите цели?

– „Младите можат“ е здружение на граѓани, кое е формирано во 2009 година и оваа година одбележуваме 14 години постоење. Постоиме за да им овозможиме на младите луѓе да станат активни, независни, способни и решителни граѓани, кои веруваат дека можат самостојно или здружено да учествуваат и да влијаат врз позитивните промени и развојот во општеството. Веруваме дека младите луѓе можат да земат активно учество во развојот на своите заедници и преку младински и социјален активизам како моќни алатки за општествена промена можат да одговорат на своите потреби во заедницата.

Цели во кои веруваме и ги застапуваме се:

  • покревање на свеста кај младите луѓе за активно граѓанство;
  • давање можности на младите луѓе за реализација на младински иницијативи и креативно;
  • изразување на нивните мислења и ставови;
    иницирање на личен развој на младите луѓе преку младинска работа и неформално образование;
  • промоција на човекови права и слободи на младите луѓе.

Целите ги остваруваме преку нашите три стратешки програми:

  • Програма за ментално здравје, преку која поттикнуваме и овозможуваме личен и социјален развој на младите;
  • Програма за кариерен развој преку која ја зголемуваме вработливоста кај младите;
  • Програма за волонтирање и активизам преку која придонесуваме кон и ја зајкакнуваме заедницата.

Позитивна работа е што токму на Меѓународниот ден на младите е „Младите можат“ годинава ја доби Наградата за младинско учество, која ја доделува Агенцијата за млади и спорт и Национален младински совет на Македонија, во категоријата на младински организации, организации за млади и чадор младински организации. Оваа награда, која ја добиваме вторпат (првпат во 2019 година), ни е поттик и мотивација за континуирана работа и подобрување на услугите и сервисите за млади што ги нудиме. Би сакале да се заблагодариме на сите млади, соработници, донатори и партнери коишто веруваа во нас и не поддржаа во процесот на гласање.

Филип Ивковски / Фото: Приватна архива

Денеска е Меѓународниот ден на младите. Колку и дали се почитуваат човекови права и слободи на младите луѓе во Македонија?

– Пред сѐ, би сакале да го честитаме Меѓународниот ден на младите и да искажеме благодарност за досегашната вклученост во процесите на општествени промени и надминување на предизвиците кои ги засегаат младите, но и пошироко заедницата, а воедно и да ги поттикнеме другите млади да се вклучат во процесите на младински активизам, застапување и лобирање.

Во насока на почитувањето на човековите права и слободи на младите луѓе во Македонија би истакнале дека во последниот период полека се афирмира концептот на „младински права“ воспоставен од Организацијата на обединетите нации. Според ООН, младите се соочуваат со дискриминација и пречки за уживање на нивните права врз основа на нивната возраст, а притоа ограничувајќи го нивниот потенцијал. Затоа, човековите права на младите се однесуваат на целосното уживање на основните права и слободи од страна на младите.

Промовирањето на овие права подразбира решавање на специфичните предизвици и бариери со кои се соочуваат.

Движењето за младински права се обидува на младите луѓе да им ги овозможи правата кои традиционално се резервирани за возрасни, поради тоа што достигнале одредена возраст или доволна зрелост. Идејата е поттикната, пред сè, од концептот на „права на децата“, но правата на младите се разликува од движењето за правата на децата по тоа што второто става акцент на благосостојбата и на заштитата на децата преку постапките и одлуките на возрасните, додека движењето за младински права се обидува да им даде слобода на младите самостојно да донесуваат одлуки на начините на кои им е дозволено на возрасните, или да ја намалат законската минимална возраст на која се стекнуваат таквите права, како што се возраста за полнолетство, за гласање, за учество во политичкиот живот, кривична одговорност и слично.

Пристапите за стекнување младински права што често се користат од нивните застапници вклучуваат развој на младински програми и организации што промовираат младински активизам, младинско учество, зајакнување на младите, младински глас, партнерства меѓу младите и возрасните, еднаквост меѓу генерациите.

Според Европскиот младински форум, главните чекори што треба да се преземат се следните:

  • Младите мора да бидат признати како носители на правата, а нивните права мора да бидат заштитени, почитувани и исполнети.
  • Младинските права мора да бидат законски признаени преку обврзувачка Меѓународна конвенција за правата на младите луѓе со придружен механизам за следење.
  • Политиките и законодавството мора да бидат засновани на права и да бидат подобри во справувањето со сите основи на дискриминација, вклучително и возраста.

Веруваме дека концептот наскоро ќе добие поголема препознаеност, пред сè од младите, со што ќе се унапредат механизмите и иницијативите за нивна афирмација и лобирање пред релевантните чинители.

Фото: „Младите можат“

Кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат младите кај нас? На кој начин може да им се помогне при надминувањето на предизвиците?

– Во последните пет години активно соработуваме со младите од Скопје, Охрид, Битола, Крива Паланка, Велес, Струмица, Штип, Радовиш и Кочани. Актуелната ситуација со младите на локално ниво ја поттикна потребата да се добијат конкретни податоци за потребите и проблемите на младите. Па, така, во изминатите три години во рамки на проектот „Младински локални банки“ редовно во различни општини го спроведуваме истражувањето „Потребите на младите на локално ниво“.

Според податоците од најновото истражување, спроведено во текот на февруари-март 2023 година, два клучни приоритети за младинско учество според испитаниците од општина Кочани произлегуваат немање информации за можности 29,4 отсто, како и недостаток од настани и програми за вклучување на младите 24,9 отсто. Кај младите од Струмица се издвојуваат непостоење на културни манифестации за млади 39,0 отсто, како и немање на игралишта и сали за спортски активности 31,3 отсто. Најголем приоритет за младите од Велес е непостоење на културни манифестации за млади 47,1 отсто, како и непостоење на културен центар 29,5 отсто. Кога станува збор за проблемите со кои се соочуваат младите, 31,1 отсто од испитаниците сметаат дека најголем проблем во општината Кочани е слаба економија и невработеност. Размислувајќи за кој е најголемиот проблем во општина Струмица од друга страна, испитаниците се поделени во ставовите, 15,3 отсто го издвојуваат загадувањето на животната средина, и алкохолизмот и наркоманијата со 13,5 отсто. Убедливо најголем проблем за младите во Велес е слабата економија и невработеноста (38,1 отсто).

Сметаме дека проблемите со кои се соочуваат младите не се еднонасочни и не треба прстот за постоење на проблемите да се впери кон само една личност или институција. Баш напротив, треба на проблемите да се гледа од аспект на различни чинители и да се дефинира нивната улога во целиот процес. Клучна е соработката, односно создавање механизам за соработка помеѓу младите, локалната власт и локалната бизнис заедница. Само на тој начин проблемите и предизвиците на младите ќе бидат идентификувани, ќе се пронајде соодветно решение и ќе се делува. Всушност, тоа е и нашиот пристап според кој работиме во изминатите 14 години – идентификувај-инспирирај-делувај.

Фото: „Младите можат“

Младите можат, но колку младите се вклучени во дефинирањето на визијата за иднината во Македонија? И дали, генерално гледано, младите сакаат да останат тука?

– Младите можат, но не се доволно вклучени во процесите на креирање политики и носење одлуки кои директно или индиректно ги засегаат нив. Неспорно е дека се забележува прогрес на ова поле но сепак имаме уште работа за овозможување на еднаква и фер застапеност на младите во важните државни процеси.

Од аспект на политичко учество на младите во структурите на државата, а согласно референтните податоци, се забележува дека застапеноста на млади на возраст од 18 до 29 е 19.17 отсто во Парламентот (Парламентарни избори, 2020 година), 3 отсто млади кандидати за градоначалници и 26.4 отсо млади кандидати за советници (Локални избори, 2021 година). Бројки кои се показатели за вклученоста на младите во релевантните институции кои се носители на одлуки и креатори на политики.

Но, веруваме дека младите преку другите форми на граѓанско организирање, вклучувајќи ги и младинските организации, се активни чинители во ваквите процеси. Затоа ги охрабруваме младите да ги пронајдат соодветните механизми за да бидат гласни и да ги искористат на соодветен начин.

Во однос на ставот за живот во државата или надвор, свесни сме сите дека мнозинството, сепак, ја одбира опцијата за живот надвор од државата поради низа причини меѓу кои и животен стандард, образовни можности, кариерен развој, валидација на труд и така натаму.

Фото: „Младите можат“

„Младите можат“ како здружение често организира настани, проекти и истражувања за менталното здравје на младите луѓе кај нас. Каква е моменталната состојба?

– „Младите можат“ веќе седум години работи на ова поле, со цел да ги афирмира грижата за менталното здравје, менталната хигиена и генерално негувањето на позитивен животен пристап. Нашето работење од иницијатива, преку настани, денес е систематизирано во програма за ментално здравје. Програмата е составена од две потпрограми, и тоа програма за врсничка едукација за ментално здравје за средношколци чија цел е младите меѓусебно да се поттикнат и да ја јакнат свеста за менталното здравје додека, пак, програмата за ментално здравје во училиштата има за цел да ги зајакне капацитетите на наставниот кадар и педагошките служби за промоција на менталното здравје и креирање училишни средини што градат поволна средина за младите и нивното ментално здравје. Особено нѐ радува фактот дека оваа година во финална фаза влегува и процесот на препознавање и одобрување на програмите од страна на Министерството за образование и наука а со тоа се докажува ефектот на истите и се овозможува поголем простор за нивна имплементација на целата територија на РСМ.

Досегашните резултати од терен покажуваат дека програмите се добро прифатени од младите, но и од страна на наставниот и педагошкиот кадар во училиштата, истите препорачуваат понатамошно дисеминирање и унапредување на програмата со цел поголема препознаеност и опфат на што е можно поголем дел на младите.

Досега преку програмите и активностите имаме допрено до повеќе од 2.000 млади, обучени 20 професори и психолози и база на над 40 врснички едукатори за ментално здравје.

Воедно „Младите можат“ своето работење на ова поле го темели на неколку истражувања и тоа „Истражување за перцепции за менталното здравје меѓу средношколците“ (2019 година), „Средношколците и пристапот до услуги за ментално здравје – анализа на моменталната состојба“ (2022 година), како и документ за јавни политики „Грижа за менталното здравје на млади“ (2022 година). Во нив се констатирани генералните состојби на младите и менталното здравје како и пристапот до услуги за грижа за своето ментално здравје а се понудени и препораки до различни институции и други релевантни чинители за унапредување на состојбите.

Фото: „Младите можат“

Верувамe дека многу млади луѓе се заинтересирани за членство во „Младите можат“. На кој начин можат да го направат тоа?

– Секој млад човек може најотворено да ни пристапи, да нѐ посети во нашата канцеларија која се наоѓа во близина на Градскиот парк во Скопје, да ни пише на некој од социјалните медуми кои ги користиме или, едноставно, да се приклучи на активностите кои ги организираме.

Отворени сме за секој млад човек што има желба да се надоградува, да стекнува вештини или едноставно да волонтира и корисно да го искористи своето време, преку дружба со врсници.

Покрај членството во Скопје, имаме и локална група на членството во Охрид и Битола. Дополнително, во моментов имаме активности и во Кочани, Велес и Струмица, така што секоја млада личност може да го пронајде своето поле на интерес и да помине квалитетно време со „Младите можат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот