Разговор со Андриана Ристевска од „Продолжи да читаш“: Имам околу 600 книги, нивната мудрост секогаш ќе остане во мене

Фото: Приватна архива

„Книгите се најголемото богатство што човек може да го поседува, но мора и да ги чита за да добие пристап до тоа богатство“, вели таа.

Читањето е активност што има моќ да ги прошири нашите видици, притоа стимулирајќи го нашиот дух и нашата креативност. Но, денес живееме брз и стресен живот и сè помалку наоѓаме време за добра книга.

Андриана Ристевска (24) од Битола е голем вљубеник во пишаниот збор, која љубовта кон книгите ја споделува на својот инстаграм-профил „Продолжи да читаш“. Таму објавува рецензии на книги, препораки за добри наслови и интервјуа со нејзините омилени писатели.

Нејзината содржина на социјалните медиуми е толку инспиративна, што веруваме дека разговорот со оваа млада девојка ќе ве поттикне да продолжите да читате, дури и кога мислите дека немате доволно време.

Андриана, кога Ви се роди љубовта кон читањето книги?

– Мислам дека љубовта кон книгите секогаш била присутна во мене. Кога бев мала постојано барав книги и бев во нивно друштво. Меѓутоа, активно почнав да купувам и читам книги во 2014 година.

Домашната библиотека е омилениот дел од домот на секој љубител на читањето. Дали можеби водите евиденција на тоа колку книги има на Вашите полици?

– Да, порано си ги запишував книгите веднаш по купувањето. Но, претходната година, за жал, морав да се разделам со голем број од нив. Стигнав до 1.000 книги, а сега имам околу 600. Се надевам дека во иднина ќе имам можност повторно да ја зголемам оваа бројка.
Јас бев многу приврзана со книгите и си ги чував во одлична состојба. Не сакав една прашинка да има на нив, па мислам дека ова ми беше еден вид лекција да не се приврзувам толку за предмети. Секако, и понатаму си ги сакам и чувам, но не толку опсесивно како порано. Книгите се најголемото богатство што човек може да го поседува, но мора и да ги чита за да добие пристап до тоа богатство. Можеби се разделив физички од голем дел од книгите, но нивната мудрост секогаш ќе остане во мене. Сè се случува со причина, така што, мораме да веруваме во процесот со чисто срце.

Фото: Приватна архива

Постојат писатели чии зборови се толку инспиративни што можат да ни го променат светогледот. Па, кои се Вашите омилени автори на чии дела постојано им се враќате?

– Многу убаво кажано! Јас верувам дека можете да научите нешто од секоја книга, без разлика на жанрот или авторот. Но, ги има и оние писатели што веднаш те освојуваат со нивните зборови. За мене на врвот од списокот на омилени автори секогаш ќе биде Карлос Руиз Зафон, кој за жал, прерано нè напушти. Тој умее да те допре длабоко во душата и да остави трага само со зборови. Неговите дела се најубавите што сум ги прочитала и мислам дека ништо не може да ми ги надмине.

На овој список има многу, но еве и неколку други прекрасни автори: Петре М. Андреевски, Кристин Хана, Колин Хувер, Сузан Елизабет Филипс, Зоран Милошевски, Себастијан Фицек, Нева Алтај итн.

Кое е Вашето мислење за македонската книжевна сцена? Кои македонски писатели, според Вас, заслужуваат поголемо внимание?

– Морам да кажам дека сум радосна што низ годините има што повеќе читатели што смело си го наоѓаат патот до книгите. Нашата книжевна сцена има со што да се гордее. Откако го создадов профилот на Инстаграм, сум соработувала со многу македонски издавачи и слободно можам да кажам дека нивната посветеност и работа се на светско ниво. Сите се многу љубезни, добри и професионални. Секогаш го слушаат гласот на читателите и го ценат секој еден од нив. А, се радувам што издаваштвото ни се зголемува со повеќе издавачки куќи.

Македонските автори се доста потценети од нас. Признавам дека и јас порано ги избегнував книгите од наши автори. Но, кога се одлучив да им дадам шанса, сфатив дека имаме многу големи таленти меѓу нас. Па, од срце би им препорачала на сите да ги отворат срцата и да ги поддржат македонските автори со тоа што ќе ги читаат нивните дела.

Моја огромна препорака за книгите на следните автори: Мирјана Проданова, Наде Стојилковиќ, Јордан Коцевски, Зоран Милошевски, Евгенија Веровска, Нона Марковска, Верица Митева, Александар Николовски, Винка Саздова, Сашо Кузмановски. Секако, тука се и сите оние постари автори чии дела се задолжителни четива и ги сметаме за македонски класици.

Фото: Приватна архива

Вашиот инстаграм-профил „Продолжи да читаш“ е еден од најследените профили за книги кај нас. Како дојдовте до идејата да почнеш со споделување рецензии на социјалните медиуми? Колку тие Ви помогнаа да се поврзете со други книгољупци?

– Јас постојано ги следам сите новости за книгите на социјалните медиуми и следев неколку инстаграм-профили што објавуваа фотографии од читатели. Но, ми недостасуваше нешто оригинално, уникатно, нешто интересно и поинакво од содржината на самата корица на книгата. Па, така, се одлучив јас да создадам профил и да споделувам сè во врска со книгите. Рецензии, новости, интервјуа, квизови, цитати, правопис на македонскиот јазик, шеги на сметка на читателите и интересни видеа. Почетокот ми беше малку ужасен, но мораме да почнеме од некаде. Ако ги најдете првите фотографии и рецензии ќе помислите дека друга личност ги објавувала. Но, јас не се срамам од тоа, никогаш нема да ги избришам бидејќи не се вклопуваат во естетската убавина на профилот. Сакам да седат како потсетник дека доколку напорно работиш за нешто, и што е најважно, со љубов, тогаш ништо не може да те запре да си ги оствариш соништата.

Многу го сакам ова што го работам, сè што гледате на профилот е со огромна љубов направено. И многу ме радува што има други читатели на кои им се допаѓа тоа и безрезервно ме поддржуваат. Преку овој профил запознав многу автори, читатели и издавачи, кои ги сметам како пријатели. На сите им враќам на пораките, за што и да ми пишуваат, а често си зборуваме на најразлични теми. Една од многуте магии на книгите е тоа што знаат како да спојуваат луѓе.

Оние што Ве следат, знаат дека имате повеќе интервјуа со македонски, но и со странски писатели. Кој од нив Ви остави најголем впечаток? Со кој писател би сакале да поразговарате во иднина?

– Кога добив идеја да правам интервјуа со автори, не мислев дека странските ќе прифатат. Се изненадив од нивната љубезност и добрина. Најголем впечаток ми оставија Стив Бери и Али Мартинез. Тоа се светски познати писатели, кои продаваат милиони примероци, а се толку приземни и прекрасни личности во секој поглед. Благодарна сум за сите интервјуа, за тоа што одвоија време за да ми одговорат на неколку прашања. Многу ми значи тоа. Во иднина се надевам дека ќе читате интервјуа со повеќе автори од целиот свет. Голема желба ми е да ги дознаам сите детали за творечкиот процес на Себастијан Фицек.

Фото: Приватна архива

За крај, која Ви е омилена книжевна мисла?

– Сакам да Ви се заблагодарам за оваа прекрасна можност и што помисливте токму на мене. Се надевам дека вашите читатели ќе се инспирираат и ќе посегнат по некоја книга.

Би сакала да го завршиме овој разговор со еден цитат од книгата „Париската библиотека“ од Џенет Скеслин Чарлс: „Јас живеам за да читам“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот