Расте интересот кај младите за некои стручни занимања: Металургијата најнепривлечна, за ИТ-техничари и медицинари се фаќаат врски

Фото: Navarro Parcerisas Carles / Alamy / Alamy / Profimedia

Шериф Мифтари, директор на Центарот за стручно образование и наука вели дека бројот на запишани деветтоодделенци во средните стручни училишта е зголемен за 5 проценти во изминатите три години

Идните средношколци сакаат да ставаат инјекции, да бидат дадилки, да негуваат стари лица, или да учат за ИТ и електротехничари, но воопшто не ги привлекува геологијата, рударството, графичката и дрвната индустрија. Шериф Мифтари, директор на Центарот за стручно образование и наука, вели дека бројот на запишани деветтоодделенци во средните стручни училишта е зголемен за 5 проценти во изминатите три години. Овие бројки го потврдува она што со години се случува во средните медицински, економски и електротехнички училишта, каде што уште во првиот уписен ден се пополнува квотата на запишани деца, а се фаќаат врски за да се „бутне“ и некој надвор од листата. Неговиот одговор на прашањето зошто годинава нема упис на вонредни ученици во медицинските училишта, беше дека за тоа е надлежно Министерството за образование.

– Што да ви кажам, медицината и компјутерите се во тренд. Нашата цел е да ги образоваме младите за да останат дома и тука го применат своето знаење – рече Мифтари, без да навлегува во анализи дали ваквиот процес се должи на нивната друга цел – да ја градат својата иднина во странство.

За потсетување, во средните медицински училишта ќе се запишуваат само редовни ученици, т. е. запишувањето на вонредни ученици се става во мирување почнувајќи од мартовската испитна сесија, соопшти Министерството за образование и наука (МОН). Оттаму велат дека оваа одлука е во согласност со напорите на државата за спречување на одливот на работна сила, која значително недостасува во здравствениот сектор. Статистиките велат дека во вонредно медицинско образование најчесто се запишуваат повозрасни граѓани, со намера да се преквалификуваат и да побараат работен ангажман надвор од земјата.

Мифтари се осврна и на сè поголемиот замав на дуалното образование и кај учениците и кај компаниите. Така седум години по стартот, германскиот модел за едукација и обука се развива, а во него се вклучуваат и сè повеќе домашни компании. Па, ако во учебната 2020-21 година имало само 11 дуални паралелки, оваа учебна година нивниот број изнесува 225.

– Во учебната 2020-21 година имаше само 98 ученици во овие паралелки, а во учебната 2022-23 година нивната бројка е 2.763, а од 8 средни училишта вклучени во дуалното образование, сега така работат 61 од вкупно 75-те во земјава – се пофали Мифтари. Преку дуалното образование, младите во текот на нивното образование се стекнуваат со знаења и вештини потребни на пазарот на труд, а компаниите добиваат подготвен стручен кадар што ќе може да одговори на работните задачи. Комбинираното учење трае четири години. Првата година се одвива целосно во училиштето, во втората година стартува практичната работа по еден ден во неделата, а во трета и во четврта година учениците се во компаниите два дена во неделата. Во летниот период учениците посетуваат и задолжителна т.н. феријална практика во компаниите во времетраење од минимум десет дена. За време на нивната практична обука тие ги поминуваат курсевите за безбедност при работа, се запознаваат со политиката и начинот на работа во компанијата и исполнуваат содржини предвидени со наставните програми, а за тоа се задолжени сертифицирани ментори во самите компании.

Инаку, на 19 мај ќе се одржи Дигитален саем, а ќе го следат сите учениците – деветтоодделенци од сите основни училишта во земјава, најави Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија.

– На Саемот преку различни форми ќе бидат претставени 15 вида квалификации и повеќе занимања што се многу барани на пазарот на трудот, а сè со цел да им се доближат на учениците и да ги мотивираат да се запишат во стручно образование. И ако пред неколку години имавме само 11 компании, сега имаме повеќе од 500 компании вклучени во процесот и околу 900 сертифицирани ментори, што зборува колку пазарот е „гладен“ за средна, стручна работна сила – информира Јаневска.


Сезоната ќе ја спасуваат средношколци на практика

Средношколци без работно искуство ќе ја спасуваат и оваа туристичка сезона, на Охридската ривиера, но компаниите може да ги ангажираат малолетните лица само на феријална практика. И минатата година тие работеа како помошници во кујна, поставуваа шведски маси, миеја садови…

– Позитивно е што овие млади луѓе стекнуваат работни навики, но мора да се води сметка нивниот ангажман да биде во договор со училиштата, како подготовка за следната учебна година – вели Јаневска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот