
Ракометарот на Вардар Вуко Борозан искасан од кучиња скитници
Ракометниот клуб Вардар 1961 во вторник ќе има важен натпревар во рамките од групната фаза на ЕХФ Европската лига против португалската екипа на Порто.
Препорачано
Скопските „црвено-црни“ посакуваат втора победа пред своите навивачи оваа сезона откако претходно триумфираа над исландскиот Валур.
Своите очекувања за дуелот против Порто ги сподели тренерот на Вардар 1961, Владо Недановски:
– Важен е натпреварот против Порто во борбата за пласман во следната фаза. Игравме одлично на стартот против Валур, а потоа не одигравме најдобро против Мелсунген на гостински терен. Направивме анализи и се подготвуваме за дуелот со Порто кој е добро покриен на сите позиции. Нема намера да се штедиме, победата е единствена опција. Порто има искусни играчи во Европа, најголемата опасност доаѓа од нивниот среден бек. Воедно треба да сфатиме дека дека освен три четири играчи во овој Вардар останатите се млади и првпат играат европски натпревари – изјави Недановски.
Вардар пред овој меч има и повредени ракометари, а на листата е и Вуко Борозан кој бил искасан од кучиња скитници.
– Имаме 4-5 повредени ракометари. Борозан шетајќи се со децата бил нападнат од кучиња и заврши во болница, има 14-15 конци. Од претходно повредени се Хориха и Пинто. Јагуриновски исто така не тренираше со полн интезитет. Повеќе за ситуацијата ќе знаеме по денешниот тренинг – рече Недановски.
Натпреварот помеѓу Вардар и Порто ќе се игра утре со почеток од 20.45 часот.