Ракетни проби за потврда на „воената надмоќ“ на Северна Кореја

Северна Кореја во јануари изврши седум тестирања на проектили/ фото: EPA-EFE/JEON HEON-KYUN

Северна Кореја во јануари изврши седум ракетни тестирања покажувајќи дека и понатаму работи на развој на нуклеарната и балистичката програма

Северна Кореја продолжува да ја развива својата нуклеарна и балистичка програма и во јануари изврши седум тестирања со кои сака да обезбеди признавање на сопствениот арсенал на оружје за масовно уништување.

Аналитичари сметаат дека режимот на Ким Џонг-ун го користи периодот кога светот е соочен со пандемијата на коронавирусот за да тестира дел од својот арсенал.

– Одвлекувањето на вниманието на светот со други прашања, се чини дека во моментов работи во корист на Северна Кореја – вели Маркус Гарлаускас, висок соработник во Атлантскиот совет и поранешен американски разузнавач.

Северна Кореја на 30 јануари тестираше балистички проектил со среден дострел првпат од 2017 година, а тоа беше седми тест минатиот месец. Станува збор за проектилот „хвасонг-12“ со максимален дострел од 2.000 километри и кој паднал во Источното Кинеско Море. Според јапонски и јужнокорејски извори, проектилот поминал 800 километри пред да падне во морето. Претходните шест тестирања во јануари беа на проектили со пократок дострел.

Американските и јужнокорејските власти стравуваат дека последните тестирања би можеле да бидат чекор кон целосно обновување на тестовите на проектилите со најдолг дострел или нуклеарно оружје.

Пјонгјанг без многу колебања го отфрли предлогот на администрација на американскиот претседател Џо Бајден за разговори. За државниот секретар Ентони Блинкен, одбивањето да седне на преговори е „длабоко дестабилизирачки“ додека со балистичките тестови Северна Кореја се обидува „да привлече внимание“.

Забрзан развој

Но, поранешниот разузнавач Гарлаускас смета дека иако Северна Кореја има јасни пораки за Вашингтон и нивните сојузници, мала е веројатноста дека привлекувањето внимание е главната цел на Ким.

– Идејата дека Ким Џонг-ун наредува тестирање на проектили само за да привлече внимание е една од најфрустрирачките и најтврдоглави заблуди за Северна Кореја. Тие не се разгалени деца што глумат, ниту овие проектили се само за шоу како еден вид пропаганда. Овие програми за оружје се многу реални, тие го развиваат својот арсенал многу побрзо отколку што многумина им даваат заслуги – тврди Гарлаускас.

Експертската група на Обединетите нации констатира дека со јануарските тестирања Северна Кореја продолжува да ги развива своите нуклеарни и балистички програми и да го усовршува капацитетот за производство на компоненти за нуклеарни механизми, со што ги прекршува резолуциите на Советот за безбедност.

Во извештајот на ОН се посочува дека Пјонгјанг минатиот месец забрзано работел на испитување и тестирање нови проектили со краток, а можеби и со среден дострел, при што биле користени балистички технологии, системи за насочување, како и погони на цврсти и течни горива.

Според експертите, новите тестирани технологии вклучуваат хиперсонични проектили. Пјонгјанг продолжува да бара материјали, технологија и научни и технички знаења за овие програми во странство, вклучително и преку кибернетски алатки и заедничко истражување.

Финансирање со криптовалути

Парите за финансирање на нуклеарната и балистичката програма, Пјонгјанг ги обезбедува со криптовалути што ги краде преку кибернетски напади, пишува во извештајот на ОН, предаден на Комитетот за санкции. Истрагата открила дека во 2020 и 2021 година севернокорејски хакери ангажирани од властите украле повеќе од 50 милиони долари во криптовалути. Според истражувачката фирма за безбедност „Чејналазис“, минатата година севернокорејските хакери можеле да украдат дури 400 милиони долари во криптовалути.

ОН во 2019 година процени дека Северна Кореја преку софистицирани кибернетски напади успеала да украде околу 2 милијарди долари, кои биле искористени за развој за воената технологија.

Експертската група пред една година наведе дека Северна Кореја го надградила своето нуклеарно оружје и балистичките проектили, игнорирајќи ги санкциите на ОН, користејќи кибернетски напади како помош за финансирањето на нејзините програми.

Поради нуклеарната и балистичката програма, Северна Кореја се наоѓа под санкции. Обидите со преговори да се обидат да го натераат Пјонгјанг да се откаже или да го ограничи својот арсенал во замена за олеснување на санкциите се замрзнати уште во 2019 година.

– Кревањето на свеста на САД за Северна Кореја е една од причините за тестовите на Пјонгјанг, но тоа можеби не е главната цел – смета Рејчел Минјунг Ли, поранешна аналитичарка на Централната разузнавачка агенција

Ким Џонг-ун официјално присуствуваше само на еден од седумте балистички тестирања и тоа беше негово прво појавување по повеќе од една година. Државните медиуми за јануарските тестирања известуваа за техничките достигнувања, а ги изоставија политичките пораки.

Лансирањето на балистичкиот проектил Хвасонг-12 не се најде на насловната страница на весникот „Родонг шинмун“, кој е под контрола на Работничката партија, како што беше случај со тестирањето во 2017 година.

Тестирања за демонстрација на моќта

Аналитичарката Ли смета дека Северна Кореја најверојатно настојува да го задржи акцентот на економијата додека продолжува со својот план за развој на одбраната.

– Северна Кореја постојано нагласува дека има право да развива и да тестира оружје како и секоја друга суверена земја. И се чини дека Пјонгјанг сфатил дека за да не се перципираат неговите тестови на оружје како различни од тоа што го прават другите земји, треба да започне да ги третира ваквите тестирања како нормален дел од државните работи. Тоа го прават поголем дел од земјите во светот – вели Ли.

Експертите сметаат дека Северна Кореја постигнала значителен напредок во развојот на ракетната програма. Новите ракети се поспособни да избегнуваат ракетна одбрана, развиени се нови системи што можат да се скријат или да нападнат од разни локации, а се модернизира и актуелниот ракетен арсенал. Најверојатно и поради тоа беа извршени седумте тестирања во јануари.

Тестовите, исто така, помагаат да се прикаже моќта на Ким Џонг-ун во време кога земјата се бори со економски проблеми и веројатно претставува еден вид алатка за поттикнување на националната гордост пред големиот празник на 16 февруари по повод 80-тиот роденден на неговиот татко, „драгиот лидер“ Ким Џонг-ил.

– Дури и Вашингтон да не е преокупиран со кризи каква што е таа во Украина и да има повеќе време да посвети внимание на севернокорејското нуклеарно прашање, Пјонгјанг најверојатно ќе продолжи да одбива директни разговори поради пандемијата и ќе продолжи да ја развива својата воена технологија. Придобивка од тестирањата е и создавањето предност за евентуални дипломатски разговори. Со тоа влогот во преговорите би бил поголем. Но, Северна Кореја прилично јасно стави до знаење дека во моментов е целосно фокусирана на домашните политики. Мислам дека тестирањата воопшто не се крик за внимание – вели Дујеон Ким од Центарот за нова американска безбедност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот