Работодавачите даваат 16.164 денари, Синдикатот бара 18.000, Владата мудрува

Работници во текстилна фабрика / Фото: СП. архива

Претседателот на ССМ Дарко Димовски вели дека работодавачите понудиле нова методологија за корекција на минималната плата, според која таа еднаш годишно ќе се зголемува со растот на трошоците на живот и со растот на бруто-домашниот производ, а притоа минималецот не смее да биде понизок од 50 отсто од просечната плата.

Преговорите за минималната плата продолжуваат денеска, откако завчера завршија неуспешно. Организацијата на работодавачи понуди нов модел на пресметка на минималната плата, кој за Сојузот на синдикати е неприфатлив, додека од Владата информираа дека преговорите продолжуваат, со тоа што ќе се креира систем и за во иднина.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Дарко Димовски вели дека работодавачите понудиле нова методологија за корекција на минималната плата, според која таа еднаш годишно ќе се зголемува со два параметри – со растот на трошоците на живот и со растот на бруто-домашниот производ, но за Синдикатот тоа е манипулативно решение со кое минималната плата нема да ја извршува својата функција за минимална заштита на животниот стандард на работниците.

– Според сегашниот Закон за минимална плата, исплатената висина на минималната плата во бруто-износ за претходната година се усогласува во март секоја година, така што една третина од минималната плата се коригира со порастот на просечно исплатената плата во државата, една третина со порастот на индексот на трошоците на живот и една третина со реалниот пораст на бруто-домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Организацијата на работодавачи нуди нов модел, по кој минималната плата 100 проценти би се усогласувала со растот на трошоците на живот и 100 проценти со растот на бруто-домашниот производ, а притоа не би смеела да биде пониска од 50 отсто од просечната плата во државава. Според нашите пресметки, според сегашната законска регулатива, односно ако ништо не се промени, минималната плата во март би требало да се зголемила за 4 проценти и би изнесувала 15.800 денари. Ако се прифати предлогот на Организацијата на работодавачи, таа би се зголемила за 6,5 проценти, односно би била 16.164 денари, за разлика од сегашните 15.195 денари – објаснува за „Слободен печат“ Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Тој вели дека новиот модел што го предлагаат работодавачите не е прифатлив за Синдикатот затоа што нема да обезбеди долгорочна праведност во однос на минималната плата.

– Сега имаме голема инфлација и ете со неа би се направила корекција на минималната плата и навидум би имало некое покачување. Значи реално, таа би пораснала само за растот на бруто-домашниот производ. Но, каков ќе биде тој раст во иднина, во услови на сè уште голема неизвесност поради пандемијата, тоа не знаеме. Сакаме да се обезбеди систем во кој минималните плати ќе обезбедат барем минимални услови за егзистенција. Затоа, ние поднесовме предлог за измени на Законот за минимална плата, со кој бараме таа сега да биде 18.000 денари и потоа да се коригира така што да не смее да биде под 60 проценти од просечната плата во државата, какви што се и препораките од европските синдикати – вели Димовски.

Што покажуваат, пак, пресметките на Организацијата на работодавачи, вчера не успеавме да добиеме одговор од претседателката Владанка Трајковска, која по завчерашната средба во Владата изјави: „Очекуваме предлог и од Владата, ние имавме неколку идеи, Синдикатот имаше свои и очекуваме компромис меѓу трите чинители на економско-социјалниот дијалог според сегашната состојба во економијата. Дури тогаш може да зборуваме за бројки“.

ССМ денеска ќе ја блокира „Димитрие Чуповски“

Сојузот на синдикати со цел да ја искаже својата сериозна намера дека не отстапува од барањето минималната плата да биде 18.000 денари, денеска непосредно пред да седне на преговарачката маса со Организацијата на работодавачи и со Владата, ќе одржи состанок пред седиштето на Стопанската комора и Организацијата на работодавачи што се наоѓа во истата зграда. Состанокот ќе биде и еден вид предупредувачки протест во однос на досегашните преговори и во периодот од 13:30 до 14:30 ќе го сопрат сообраќајот на улицата „Димитрие Чуповски“.

– ССМ со највисоките тела, претседателството, советот и штрајкувачките одбори ќе излезе на протест со блокирање на улицата, а понатамошното наше дејствување зависи од преговорите закажани за утре. Подготвени сме да спроведеме и голем штрајк, затоа што луѓето со вакви плати не можат да живеат – вели Димовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот