Психијатриската болница во Демир Хисар

Психијатриската болница Демир Хисар задолжена да му плати отштета на вработен, затоа што агресивен пациент го гризнал за прстот

ЈЗУ Психијатриска болница во Демир Хисар немала вработено обезбедување за да ги заштитува вработените ниту, пак, им обезбедила обука на вработените за безбедност при работа, па затоа е судски задолжена да исплати отштета на вработен кој бил нападнат и каснат за прстот од страна на агресивен пациент во 2021 година. Дополнително, според пресудата објавена неодамна, Апелацискиот суд во Битола утврдил и дека вработените во оваа јавна здравствена установа не поминале обука за безбедност при работа ниту, пак, периодичен здравствен преглед.

Народниот правобранител веќе констатираше дека од условите за пациентите во оваа болничка установа што згрижува лица со растројства и психички проблеми полазуваат морници, со оглед на тоа што при неговата ненајавена посета, во посебна просторија биле најдени кожни ремени за фиксација, метални синџири со катанче и цврст дебел кабел. Управата тврдела дека овие средства не се користат.

– На прашањето зошто е кабелот, одговор од вработените немаше. Ја нагласувам забраната за заплашување, повредување, малтретирање и тортура на пациентите, изјави народниот правобранител Насер Зибери.

Не само пациентите, туку небезбедни внатре биле и вработените, а за тоа сведочат инцидентите на кои биле изложени. Мецидински техничар со 35-годишен стаж во болницата бил нападнат од пациент и го повредил. Затоа Психијатриската болница во Демир Хисар од страна на судот е задолжена да му исплати на вработениот медицински техничар отштета од над 2 илјади евра за претрпени физички болки, за претрпен страв и за претрпени душевни болки поради намалена општа животна активност.

„Болницата не докажала дека на денот кога се случил нападот и повредата на вработениот медицински техничар, имале внатрешно обезбедување“, пишува во пресудата.

ЈЗУ Психијатриска болница во Демир Хисар згрижува лица со душевни заболувања и растројства. Второто одделение во болницата е акутно-адолесцентно одделение од затворен тип, кадешто се лекуваат помлади пациенти, како лежечки пациенти. Во пресудата пишува дека „тие ноќе се чуваат заклучени, а доколку некој од нив бил агресивен, со наредба од доктор се врзувал со синџир за рацете и нозете, односно се фиксирал“. Докторот одлучувал за тоа дали некој пациент требало да биде фиксиран или не и колку време би требало да биде фиксиран, со тоа што кај некои пациенти можело да има потреба од врзување на само една рака, а кај некои требало и рацете и нозете.

На пациентите од страна на медицински сестри и техничари им се дели терапија секој ден по три пати. Вечерната смена се предавала во 20 часот со тоа што претходната смена известувала за состојбата на пациентите. Во болницата имало околу 250 пациенти, а во второто одделение вообичаено имало 30 пациенти. Во периодот на ковид пандемијата имало 15 пациенти, двајца дежурни доктори, а од медицинскиот персонал по двајца дежурни на одделение.

Според описот на работата и работните задачи на медицинските сестри, истите треба да прават повеќекратни визити на одделите со пациенти, непосреден надзор над агресивни и суицидални пациенти и навремено да го известуваат докторот за состојбата на пациентот, особено за промената на неговата здравствена состојба. Пациентите во установата биле под терапија, а терапијата не делувала веднаш, па ако имало агресивен пациент кој бил под терапија, тоа не морало да значи дека ќе биде совладана агресивноста.

Конкретниот ден, на 21 октомври 2021 година, медицинскиот техничар со 35-годишен стаж во болницата, делел терапија во второто одделение заедно со негов колега. Кога им била предадена смената им било кажано да внимаваат бидејќи пациентот кој бил примен бил вознемирен. Пациентот бил од Демир Хисар, познат како мирен човек и не знаеле дека претходно се лекувал, а истиот кога бил примен соработувал со персоналот, но од време на време се вознемирувал.

„Поради вознемиреноста пациентот бил фиксиран од страна на претходната смена така што му била врзана раката и едната нога со синџир во должина од 50 сантиметри за да има простор за движење. Околу 21.30 часот медицинскиот техничар требало да му даде таблетарна и ампуларна терапија на пациентот кој многу се вознемирил и агресивно ги нападнал, успеал некако да ја ослободи раката која му била врзана, ги префрлил нозете преку шипките од креветот и ја зел наткасната исправајќи се над креветот со намера да удри еден од вработените. Тој му ја зел наткасната за да не се повреди, а другиот медицински техничар се доближил за да помогне. Пациентот паднал, а медицинскиот техничар се обидел да го крене со неговиот колега, но во тој момент пациентот го каснал медицинскиот работник за прст од левата рака“, пишува во пресудата.

Медицинскиот техничар почувствувал силна болка и мислел дека ќе му го скине прстот и многу се исплашил, течело многу крв и едвај успеал да го извади прстот од устата на пациентот. Исто така, пациентот го удрил медицинскиот работник во глуждот и коленото.

Тужителот и колегата едвај излегле од собата на пациентот, ја заклучиле собата и повикале помош по што дошле дваесетина лица од вработените кои го држеле пациентот за да му стават ампуларна терапија и едвај го совладале.

Од инцидентот медицинскиот техничар се здобил со повреда каснатина – отворена рана на среден прст од левата рака, како и нагмечување на десното колено и десната потколеница.

После ова во ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар бил извршен вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за труд кој констатирал неправилности во работењето на болницата, бидејќи болницата немала обезбедено периодичен здравствен преглед за вработениот медицински техничар и немал доказ за обезбедена обука за безбедност при работа.

Поради тоа, судот го уважи тужбеното барање на вработениот и утврди дека психијатриската болница е одговорна без оглед на тоа што „се занимава со опасна дејност“, односно со лекување пациенти чие поведение не може во целост да се предвиди и покрај дадената соодветна терапија и дополнително што не обезбедила соодветна обука за тужителот.

Болницата, според пресудата не обезбедила работник за работна задача која вклучува обезбедување внатре во болницата, а вработените очигледно самите ја обезбедувале болницата што се потврдило и од предметниот настан.

Инаку, во извештајот на народниот правобранител, слични наоди беа констатирани и за психијатриската болница Бардовци. Правобранителот Зибери за оваа установа рече дека пациентите бегале од болницата и по неколку месеци поради лошите услови.

Беа добиени наводи дека против болничкиот персонал имало и закани и напади. Конфликтите меѓу пациентите на одделението се многу чести. Вербалните кавги некогаш резултираат со физички напади. Ситуацијата е алармантна попладне и навечер кога има само еден медицински техничар и еден болничар на смена. Во судското одделение на психијатриската болница Скопје, има чести бегства во траење од неколку часа до неколку месеци, а главна причина за пациентите е тоа што имаат лоши услови, рече правобранителот Зибери, нагласувајќи дека е потребно итно реновирање на објектот, а пациентите да бидат вклучувани во рехабилитациски и тераписки активности како шиење, перење или нешто друго.

Во „Идризово“ по двајца затвореници спиеле во ист кревет, a во „Демир Хисар“ чувале каиши за врзување и метални синџири

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот