Просечната плата номинално расте, но стандардот не ја следи

денари
Денари / Фото: Архива на Слободен печат

Предизборните ветувања се дел од секоја кампања и програма на политичките партии и во основа би требало да служат за ориентациско информирање на гласачите за политиките на некоја идна влада што би била формирана од односната политичка партија.

Но, кога станува збор за политичките ветувања економијата проблемот со кој може да се соочи таа идна влада е што тие се главно мерливи и повеќе од кои било други ветувања можат да предизвикаат разочарување кај оние што го дале гласот.

Она што реално го интересира обичниот гласач е личниот стандард, а многу помалку крупните државни економски политики кои би требало да доведат до подобрување на личниот стандард на гласачите. Оттука, на последните парламентарни избори од јули 2020 година, СДСМ која потоа ја формираше владата, го сврти фокусот кон економски ветувања во сферата на платите, како тема која повеќе го допира поединецот.

Истражувањето на Фајненс тинк покажува дека во делот на платите сега имаме амбициозно субвенционирање на нивниот раст, но услови на пад на работната продуктивност која е пазарен механизам што треба да ги зголеми платите, а сето тоа на товар на државниот буџет. Според нив, со ваквата политика се стеснува фискалниот простор за други трошоци кои ќе влијаат на долгорочната конкурентност на економијата или кои ќе апсорбираат некој иден шок како пандемискиот.

Сепак, факт е дека ветувањето за просечна плата од околу 34,000 денари до 2024 година е во насока на остварување, главно поради релативно високиот номинален раст на просечната нето плата во пандемиските  2020 и 2021 година. Тоа се случи главно поради четири фактори – на прво место субвенцијата на социјалните придонеси на растот на платите во рангот 600-6,000 денари од ноември 2019 со важност од 3 години, а потоа порастот на минималната плата од 12,508 на 14,500 денари во декември 2019 и на 14,932 денари во јуни 2020 како и на 15,194 денари во март 2021. Третиот фактор се изгубените работни места во текот на пандемијата кои беа, главно, ниско платени и влијаеја на статистичко зголемување на просекот, а четвртиот е порастот на платите во одредени сектори во време на пандемијата како што се ИТ и финансии.

Но, номиналното зголемување на просечната плата не може да се гледа издвоено од инфлаторните движења кои имаат тенденција на зголемување до околу 5 отсто, и кај нас и во Европската унија. Оттука, прашање е колку вредноста на ветената и остварена просечна плата во предизборието ќе биде еднаква во времето на даденото ветување и во времето на нејзино постигнување.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот