Производителите балансираaт меѓу куповната моќ и скапата струја и гас

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Цените на брашното во Србија се зголемија за 10 проценти, а 60 отсто од нашите потреби се задоволуваат од увоз, токму од оваа земја. Скапата сточна храна ги поскапува и млечните производи, а африканската чума се заканува на цените на месото.

На 31 јануари треба да се одмрзнат цените на оние основни прехранбени производи кои од 1 декември не смеат да се менуваат, според одлуката на Владата. Од Министерството за економија велат дека ќе ги разгледаат најновите статистички податоци за инфлацијата и ќе донесат одлука: дали ќе се прошири списокот на производи со замрзнати цени, или, пак, каква што е и одлуката, „замрзнувањето“ ќе престане да важи на крајот од месецот. Производителите на храна велат дека се на работ на рентабилноста и дека, иако берзанските суровини покажуваат благо намалување, цените на струјата и на гасот продолжуваат да го поскапуваат крајниот производ.

Претседателот на Здружението на мелничко-пекарската индустрија Горан Малишиќ вели дека сега цените се стабилни, но дека не е оптимист во однос на нивните идни движења.

– Цените на лебните жита од Нова година малку се намалија на светските берзи, но растот на цената на струјата и на гасот, постепено ќе доведат до нови поскапувања на лебот и на печивата.  Околу 60 проценти од потребите за брашно се задоволуваат од увоз, а некаде 99 отсто од увозот се прави од Србија. Вчера таму цената на брашното се зголеми за 10 проценти. Тоа не е резултат на нов раст на цените на пченицата, туку е резултат на растот на цената на струја и на гасот. Во моментов кај нас сѐ уште не се прават корекции на цената на лебот и на печивата, но тоа поскапување постепено ќе се прелее и кај нас – изјави Малишиќ за „Слободен печат“.

Тој вели дека во моментов на голем удар во државава се пекарите, токму поради зголемената цена на струјата и на гасот.

– Во пекарската индустрија, четирите најголеми пекари работат на гас. Ако минатата година плаќаа 25 денари за нормален метар кубен гас, сега плаќаат 75 денари. Има пекари чиј годишен трошок лани за гас бил 100.000 евра, ова значи дека годинава ќе им биде 300.000 евра. Ваков раст на цени никој не може да издржи – оценува Малишиќ.

Тој смета дека е неопходно да продолжи помошта на државата за компаниите, со што ќе се помогне и во однос на одржување на цените и во однос на опстанокот на компаниите.

Државниот завод за статистика забележа раст на сирењето и на урдата за 0,6 проценти во декември 2021 година, во однос на декември 2020 година, но претставници на млечната индустрија велат дека засега, дури и да не се замрзнати цените, тие ќе останат исти затоа што куповната моќ на населението не дозволува понатамошен раст на цените.

– Состојбата во млечната индустрија е многу сложена. Се зголеми цената на сточната храна кај одгледувачите на добиток и ние во зависност од квалитетот на млекото плаќаме повисока цена за 10 до 15 проценти во однос на порано. Потоа, се зголеми цената на струјата за 3 до 4 пати. На пазарот конкуренцијата е голема, доаѓаат производи од разни земји каде што се водат разни политики во однос на субвенционирањето. Но, ние кратиме секаде каде што можеме за да ги задржиме цените. На крајот цените ги диктира понудата и побарувачката и ние мора да направиме производ што има кој да го купи, а мораме и да бидеме општествено одговорна компанија за да се вклучиме во зачувувањето на стандардот на граѓаните – велат од „Бимилк“.

Во месната индустрија, сега огромен страв влева свинската чума. Таа може да доведе до уништување на цели фарми. Од Агенцијата за храна најавуваат надоместок на штетата за уништениот добиток. Од друга страна, доведен е во прашање и извозот.  Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Црна Гора забрани увоз и транзит на пратки со живи домашни и диви свињи, месо и месни производи од домашни и диви свињи од некои делови на Македонија и од Србија, јавија тамошните медиуми. Сето ова, според познавачите, не само што ќе доведе до промени во калкулациите кај производителите на свинско месо, туку може да влијае во нагорна линија на цените на сите видови месо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот