„Проект среќа“ ќе гради куќи за 10 најсиромашни деца од повеќе градови во Македонија

Еден чекор подалеку отиде оваа година традиционалната новогодишна хуманитарна акција на Здружението за хумано-општествен развој „Проект среќа“. Наместо новогодишни подароци и пакетчиња, 10 семејства со помош на општествено одговорни компании и хумани граѓани ќе добијат нов, топол дом.

Како што информираше денеска Кристина Арнаудова, основач на здружението, со собраните средства ќе бидат реновирани живеалишта на семејства со деца кои се избрани по приоритетност, со фокус на руралните средини низ целата држава.

“Преку своите активности, како здружение сме имале можност да влеземе во многу социјално загрозени домови и да видиме во какви услови живеат децата и колку многу им недостига од основните животни потреби. Токму затоа решивме, нашата енергија да ја насочиме кон тоа, да организираме цела кампања во која ќе се обединиме сите, граѓани, компании, јавни личности и да собереме донации и средства за реновирање на домовите на најпогодени семејства и да обезбедиме минимум достоинствен живот и услови за децата од овие семејства. На некој начин кампањата ќе биде гласот на овие деца и повик до сите да се вклучат за да им обезбедиме топол дом. Затоа и го избравме периодот околу новогодишните празници, со цел празничниот дух и атмосфера да нè потсети дека сите заслужуваме среќа и топол дом”, изјави Кристина Арнаудова основач и претседател на Здружението Проект среќа.

Кампањата официјално започнува на 19 декември, со промоција на песната и спотот која ќе биде поддршка на кампањата.

Една од активностите на кампањата е големиот донаторски Телетон, којшто ќе се одржи на 29 декември од 18 до 21 часот на програмата на МТВ и каде сите јавни личности ќе се вклучат со цел собирање што повеќе донации. Сметката каде граѓаните ќе може да ги уплатат своите донации е 300-0000039428-92 со назнака ТОПОЛ ДОМ ЗА СИТЕ и на телефонските броеви 070/143 403 и 077/143 600.

Кампањата ќе трае до 15 јануари кога ќе бидат отворени донациите и официјално ќе биде објавено колку средства се собрани и каде помошта ќе биде распределена.

“Пораката која сакаме да ја пратиме со песната и кампањата воопшто е дека секое дете заслужува достоинствен живот и новогодишна радост. На децата не им е местото на улица, а ние како возрасни, наместо да ги осудуваме мораме да пробаме да им помогнеме и разбереме оние деца на кои не им бил даден друг избор освен улицата”, дополнува Арнаудова.

Како приоритени во проектот биле куќи во Неготино, Кавадарци, Скопје, Тетово, Струмица, Куманово.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот