Продолжи судењето против тројца лекари од Онкологија за несовесно лекување болни и несовесно работење во службата

Нино Васев/ Фото: Архива на Слободен печат

Во кривичниот суд денеска продолжи главната расправа во спорот каде обвинети се тројца лекари од Клиниката за онкологија, доктор Никола Васев за несовесно работење во службата и докторите Игор Стојковски и Марија Симоновска, за несовесно лекување болни.

Случајот е за пациентот Т.Р. кој според обвинението починал откако на Клиниката за онкологија не му била препишувана терапија во текот на 2018 година. Во судница се изведуваа доказите на одбраната.

Вештото лице, технички советник доктор Зоран Вељанов, специјалист по судска медицина и криминалистика одговараше на прашањата на адвокатката на докторката Марија Симоновска.

На прашањето дали доктор Симоновска била должна да му препише терапија на пациентот и дали му препорачала терапија, доктор Вељанов одговори:

-На 27.06.2018 година доктор Марија Симоновска остварува прв контакт со сега покојниот, како ординирачки лекар кој го заменува лекарот што го започнал третманот, при што имала на увид доволно медицинска документација за да има слика за развојот на малигното заболување. Со оглед на сите тие податоци и направено класифицирање во кој стадиум се наоѓа болеста, таа согласно најновите препораки за третман на вакви заболувања препорачала третман со Интерферон и побарала изготвување на пет скен за да се види дали има евентуална прогресија на заболувањето, бидејќи по операцијата на пациентот поминале повеќе од месец дена, а при вакви заболувања прогресијата на болеста знае да биде брза и мора да се следи според протоколите. Затоа е многу важно да се изготви пет скен. Во моментот на преглед имајќи го предвид стадиумот на болеста кај сега покојниот, докторката Симоновска предложила адекватен тераписки третман со Интерферон, што впрочем е потврдено од уште две други стручни медицински институции, едната од земјата другата од странство.

Вештакот додаде дека барањето за пет скен е задолжително бидејќи доколку се октрие дека болеста се раширила низ организмот или се пронајдат малигни клетки низ организмот се менува стадиумот на болеста, класификацијата на нејзиниот развој, со што се менуваат протоколите за лекување.

Запрашан на каков начин била должна да се грижи за пациентот со малиген меланом, тој рече дека докторката треба да ординира терапија, да закажува контрола, дад го евалуира резултатот од клиничките испитувања, да донесе заклучок за состојбата и евентуално да препише терапија и да закаже контролен преглед и по потреба да го упати на понатамошни дијагностички процедури.

На прашањето што имал на располагање ординирачкиот доктор, ако пациентот не ја прифаати препорачаната терапија, одговорот беше „следење на здравствената состојба“.

На расправата стана збор за лекот „Кејтруда“, скапа биолошка терапија за која адвокатот на обвинетата докторка Симоновска го праша вештакот дали на пациентот би можела да му биде препорачана на 27 јуни 2018 година согласно наодите и резултатите со кои располагала докторката.

-Задираме во потесно стручно поле кое не може доволно да се објасни но согласно дијагнозата, стадиумот на болеста и прегледот на 27 јуни 2018 немало никаква индикација за почнување на третман со Пембролизумаб (Кејтруда н.з). Првите резултати од клиничката евалуација на ефикасноста на овој лек се од април, мај 2018 година, што е еден месец пред прегледот. Тогаш лекот не бил одобрен од ФДА во САД и нормално дека не бил регистриран ни во Македонија, одговори Вељанов.

Потоа следуваше прашање дали на пациентот на 27 јуни 2018 би можела да му се препорача друга терапија со генеричко име Вемурафемиб, но одговорот беше дека немало индикација за него, бидејќи не се очекувал голем бенефит од него и би останале токсични ефекти од самиот лек.

-Во вештачењето имам напишано, во тој момент која била препорачана комбинација на лекови по најновите светски студии. Се работи за комбинција на два лека кои за жал во Македонија не се достапнии ниту пак во соседните земји. Најадекватна опција во тој момент како што претходно кажав што лекарката го направила било третман со Интерферон, додаде тој.

Обвинети за случувањата на Онкологија/ Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Обвинителката Лидија Раичевиќ кажа дека од сето слушнато, највпечатлив е делот во кој вештакот кажува дека студиите кажуваат како успешно се лекува тој вид на меланом, ама во Македонија тој начин на лекување е недостапен.

-Прашувам, значи ли тоа дека овој начин на лекување е доволно успешен за овој пациент?, праша обвинтелката.

Вештакот не беше сигурен дали е вистинскиот човек во оваа држава до кого треба да е адресирано прашањето.

-Откако работам во здравството, постои дискрепанца од современите научни текови и можностите на македонското здравство. Значи, ги наведов за пример најновите светски текови и кажав дека ниту ние ниту нашата околина со нив не располага. За жал лекарот е ограничен на можностите за лекување кои му се достапни и со кои располага иако многу често нашите врвни стручњаци знаат дека постојат посовремени, поуспешни методи на лекување, истакна вештакот.

Обвинети за случувањата на Онкологија/ Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески
Обвинети за случувањата на Онкологија/ Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Обвинитетлката го праша:

-На второт прашање кое гласеше, дали докторката Марија Симоновска била должна да го лекува пациентот, одговорот почна со датумот кога е примен и кога е почнато лекувањето врз основа на што е видена состојбата и што било преземено. Па дали е извршено скенирање и која терапија е препорачана. Дали начинот на лекување е одговор на прашањето дали докторката била должна да го лекува овој пациент?

Вештакот одговори дека според него, Симоновска била должна да го лекува пациентот и постапила.

Инаку, имаше предлози да се сослушаат вработените на Онкологија, доктор Мери Пешевска, Елена Џонова, Билјана Грозданова, Загорка Живкова и Валентина Митрова, ама тие беа повлечени како сведоци, или зашто самите побарале или поради службени патувања во странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот