Проблемот нема да биде решен со оставки

Ида Протуѓер, Фото: Архива

Ќе тргнат кон решение кога ќе се постават активно кон него. И кога клиентелизмот како начин на владеење и политиката „лепче за секој наш“, ќе ја заменат со политики што ќе се темелат на вредности и на „големата слика“ за целата држава и за сите граѓани.

Памтам еден совет од една обука во институтот за лајф коучинг каде што учев. Тренерот нè предупреди дека многу често ќе се соочуваме со ситуации каде што клиентите немаат доволно увид во сопствената моќ да ги променат нештата, се плашат или, пак, можеби не ја прифаќаат реалноста кон која мора некако да се постават.

Така, ќе бараат одговорноста и решението за проблемите да ги преземе тој што е лајф коуч. Така е, велеше тренерот, најчесто на почеток и потоа ваша задача е да им помогнете со методи и техники да ги согледаат своите ресурси, да се постават кон проблемот и да најдат соодветно решение според она што сакаат како цел да го постигнат.

Ако после четврта, петта средба, и понатаму клиентот не презема сопствена одговорност, туку наративот останува дека другите се виновни, околностите се такви, сопругата е лоша, шефот на работа  малтретира, а клиентот не може ништо да направи, тренерот ни рече, вие ќе си го трошите времето, клиентот парите.

Дури само ќе му давате алиби дека „не го бива ни овој коуч“ и до промена нема да дојде. Па, подобро да го препознаете тоа навреме и да се повлечете, беше советот.

Го слушав вчера говорот на Заев. За поздрав е брзото преземање одговорност, но ги обвини всушност гласачите дека биле корумпирани. Пари се фрлале многу од страна на опозицијата и затоа ваков резултат!? Така, уште повеќе ги потцени и ги навреди гласачите за поразителниот резултат на неговата партија. Не била вината во СДСМ, туку во корумпираните граѓани.

Граѓаните сакаат ефикасност, одговорност и отчетност. Особено на локално ниво. Тоа СДСМ не го испорача, а испорача бонус ароганција.

Клиентелизмот, надграден и проширен од ДПМНЕ, СДСМ си „го гушна“ како проверен начин на владеење.

Да го повторам она што многупати сум го кажала, дека интересот на партиските членови на СДСМ и интересот на поширокото граѓанство од кое бараат доверба се во директна колизија. Нивните членови бараат вработување за некој свој, функција или бизнис, а граѓаните бараат функционални институции за кои плаќаат даноци. Клиентелизмот е неодржлив на долг рок, бидејќи ќе се потрошат работните позиции во јавниот сектор, а секогаш ќе има некој незадоволен што ќе ги казни што покрај син, не му вработиле плус снаа или братучед. Тоа СДСМ не го сфати.

Еве, „Шанса за Центар“ немаше пари, со најскромна кампања во светот и со посветени луѓе да го вложат личниот капацитет да ги променат состојбите, за два месеца од формирањето доби тројца советници. Ако имала СДСМ сознанија за поткуп, зошто не го отвориле тој проблем бидејќи е криминал, а нивни членови се на челни позиции на институциите!? Толерирале криминал до синоќа пред полноќ!?

Значи, не е проблем наводниот поткуп, туку односот кон граѓаните. И најважно, односот кон предизвиците со кои се соочува земјата, не само надвор, туку и внатре.

Граѓаните не го вратија ДПМНЕ. СДСМ го врати ДПМНЕ. За жал, поради СДСМ, на граѓаните им се врати ДПМНЕ.

И наместо поглед кон себе и кон својот удел во тоа, веројатно на Бихаќка повторно се гледаат како жртви. Си велат „ако, сега нека видат како е пак со ДПМНЕ, супер, си го вратија итн.“ Граѓаните виновни, околностите виновни, сите, само не и лидерството на СДСМ. Така, ќе останат во фаза на негирање на реалноста, а со тоа нема да научат да се постават кон неа. Со оставки, за жал, проблемот нема да биде решен. Ќе тргнат кон решение кога ќе се постават активно кон него. И кога клиентелизмот како начин на владеење и политиката „лепче за секој наш“ ќе ја заменат со политики кои ќе се темелат на вредности и на „големата слика“ за целата држава и за сите граѓани. Да повторам, не само во надворешната политика, туку и дома.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот