Прличеви беседи 2021: Достојно чествување на патронот

Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и во услови на пандемија на ковид-19 вложи напори достојно да ја чествува 128-годишнината од смртта на патронот Григор Прличев и 160-годишнината од создавањето на неговата поема „Скендербег“.

Настанот на 5 февруари беше отворен со изложба на ликовни дела од колекцијата на Центарот за култура, а точно напладне се одржа свеченоста посветена на лауреатот на наградата за најдобра поема за 2020 година – Лилјана Пандева. Нејзината поема „Капетаните“ беше прогласена за најдобра на конкурсот што секоја година се распишува во чест на Прличев.

Во чест на големиот поет и преродбеник Прличев беше промовирана и најновата книга на проф. д-р Вера Сточевска-Антиќ „За Прличев и неговиот XIX век“, во која како приредувач се јавува м-р Милчо Јованоски. Книгата содржи 12 трудови од д-р Стојчевска-Антиќ и 13 автографски записи, документи, мислења од м-р Милчо Јованоски, кој изнесува податоци и слики за куќата и гробот на Григор Прличев, за семејното стебло, за најстарите македонски изданија на негови значајни дела, филмови за Прличев и ред негови мисли. Издавач на книгата е Библиотека „Григор Прличев“ со финансиска помош од Министерството за култура и Општина Охрид.

Во чест на патрониот празник, библиотеката на својот сајт објави документарна снимка од архивата на МТВ – ТВ Скопје од „Прличеви беседи“ во 1968 година, како и аудиоизданија на „Сердарот“ и „ Автобиографија“, кои се дел од архивираниот серијал „Звучна библиотека“, проект поддржан од Министерството за култура, а реализиран од охридската библиотека.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 67, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 6-7 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот