Привлечната моќ на кавгата

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Тоа што Доналд Трамп денеска во Орландо, на Флорида, службено ќе ја објави својата кандидатура за уште еден претседателски мандат во САД, речиси дека не е ни вест. Човекот не престана да води изборна кампања буквално секој ден во изминатите три години од својот прв мандат, оставајќи го целиот свет во познатата недоумица дали да се смее или да плаче од тоа што го правеше и изјавуваше. Во трката за вториот мандат влегува со неповолен рејтинг – впрочем, нему рејтингот за време на сите досегашни три години претседателствување ретко му се искачуваше со поддршка од над половина возрасни Американци, правејќи го еден од најнепопуларните претседатели на САД во модерната американска политика – но сите веќе научија дека не е препорачливо да се потценуваат шансите на Трамп дури и кога се чини најфантастична можноста нешто од тоа што го прави да му успее!

Наназад три години упорно се обидувам во моите секојдневни колумни да го избегнувам Трамп не само како тема за посериозна анализа или коментар, туку дури и за попатни илустрации или шеги на негова сметка. Тоа нема ни сега да го правам, освен што кога човек ќе добие желба да се осврне за актуелните причини на големите политички поделби и конфронтации во домашните јавности кај речиси сите вистински демократски земји во светот, не може а да не ти падне Трамп на ум барем како пример за тоа како политиката може да ја раскара нацијата дури и на теми, како елементарните човекови права или правото на слобода на изразување и слободни медиуми, за кои мислиш дека се еднаш и засекогаш затворени за проблематизирање. Кај Трамп единствено нешто што е еднаш и засекогаш е неговата самобендисаност и бескрајната амбиција за пари и слава.

Но, велам, кога ќе се сетиме на Трамп ни паѓа некако полесно да се соочиме и со постојаните конфронтации, 24/7/365, на нашата домашна политичка сцена. Не се асолно завршени ни расправите за Преспанскиот договор, за да можеме целосно да се предадеме на раздорот околу иднината на СЈО и правосудните реформи, а веќе се најавува Пописот како уште една прекрасна старо-нова тема за општа тепачка помеѓу опозицијата и власта. Па и нам, заедно со Трамп, во таа општа атмосфера на постојани конфронтации и политички кавги, ќе ни дојдат изборите веќе следната година… А претходните, со енергичноста на општиот судир на линија да се биде или не, како вчера да беа!

Ова темпо на трошење на нерви, на време и на теми за перманентна расправија, далеку над (или длабоко под) нормалната потреба за размена на различни мислења, не може да е здраво на ниту еден паметен начин. Постојано сме како седнати на задната клупа во теренското возило „Македонија“ со погон на сите четири тркала, кинисани по козји патеки да ја оствариме амбицијата да се биде прв на врвот, без оглед на тоа што животот во политиката по правило е поубав во долините на компромисот, толеранцијата и меѓусебното разбирање.

Ама, во денешнава политика Трамп го прегази Ганди како шлепер жаба!

Затоа, дајте, не се опуштајте, веќе мораме да ја смислиме големата тема за следната конфронтација, оти и за СЈО, а потоа и за Пописот во еден момент ќе се договориме.

Аман, вразумете се луѓе, што ќе правиме без нова, голема кавга?!

Извор: Цивил медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот