Претставата „Пикник на фронтот“ носи приказна за сенки од луѓе што се обидуваат да опстојат

Сцена од претставата „Пикник на фронтот“

Премиерната изведба на претставата „Пикник на фронтот“ се одржа на 28 ноември на големата сцена во Драмски театар Скопје. Претставата е поставена на текстот на Фернандо Арабал во режија на Андреј Цветановски.

Во улогите на претставата играат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Филип Трајковиќ, Дамјан Цветановски, Стефан Вујисиќ и Соња Стамболџиоска.

Во време кога низ светот се појавуваат нови воени жаришта и милиони луѓе на своја кожа го чувствуваат немилосрдниот здив на војната, на сцената во Драмскиот театар е поставена претстава која го отсликува профилот на оние што се оставени во првите борбени линии. Мрачната сценографска поставка повремено ја осветлува рафал испратен од непријателската страна или цвеќе кое ги открива вистинските намери и желби на војниците на фронтот.

Со сериозна актерска зрелост и прецизно изградени карактери преку дејството и репликите на сцената до публиката стигнуваат јасно изразени антивоени пораки. Со таква цел и режисерот и актерите пристапиле во креирањето на мрачната, но оптимистичка претстава што се случува на линијата на фронтот.

Сцена од претставата „Пикник на фронтот“

– Војната е чудовиште што голта сѐ пред себе, земји, градови, населби, квартови, згради, фамилии, луѓе… И не застанува пред ништо. Од тој момент сите амбиции, желби, соништа стануваат далечни и нормалниот живот како и да не постоел, само потребата да се преживее. Оваа претстава е за такви луѓе, на кои им е смачено да живеат по правилата на преживување, туку сакаат да си играат со животот и да се обидат од војната да направат своја игра која ќе им биде терапија. Низ нивната приказна да раскажат колку е војната страшна, секогаш завршуваат во своите трауми од војната и настанот којшто ги одредил како луѓето кои се сега, или лушпи од тоа што биле порано. Низ борбата да се остане човечен и да се сонува ја раскажуваме приказната за тие сенки од луѓе кои сѐ уште се обидуваат да опстојат – истакнува режисерот Андреј Цветановски.

Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографијата на Раде Василев, а изборот на музика на Димитар Андоновски. Инспициент е Жарко Намичев, а суфлер Даница Илиева.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 207, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот