Преработениот остаток од старо железо може да се користи за асфалтирање

Фото: Макстил

АД „Макстил“ го затвора кругот на циркуларната економија, користејќи го нуспроизводот троска, кој со мала преработка може да се користи како тампон за патишта или за правење асфалт

АД „Макстил“ го затвора кругот на циркуларната економија и ја постигнува зададената цел за нула отпад. На излезната страна, освен нивниот производ, челичниот лим, кој може целосно да се рециклира и кој учествува со 80 отсто, како нуспроизвод има и десетина проценти троска, која со мала преработка може да се користи како тампон за патишта или за правење асфалт, вели Љубомир Пејовски, директор за заштита на животната средина во металургискиот комбинат.

– Имаме реална шанса да престанеме со сечење на планините, кршењето на карпите и копањето на доломитот. Троската е успешна замена за доломитните карпи и ние ја сертифициравме како агрегат за тампон, а во процедура сме и за сертификат за агрегат за асфалт. Претходно во лабораториите на УГД Штип, ГИМ како и во други европски лаборатории, беа направени серија тестови со кои се докажа дека ваквите материјали потекнуваат од категоријата инертни материјали што не се штетни по животната средина – посочи Пејовски.

Преработената троска веќе е искористена за изградба на паркинг-плато со површина од 6.500 м2 и улица со површина од 2.200 м2. Како агрегат за тампон и агрегат за асфалт беа искористени околу 11.000 тони обработена црна троска, додека за изградба на преградни ѕидови направени во фабриката „Карпош“, се користеа префабрикувани бетонски блокови изработени од бетон со додаток од 20 проценти бела троска како замена за цемент. Направените тестови, според Пејовски, покажале дека нема никакви деформитети на асфалтот.

– Видете ги нашите улици. Тие се поправаат на неколку години и пропаѓаат и им се создаваат своевидни „бранови“ од тежината на автобусите и камионите, како и од сонцето. Тампонирањето со агрегатот направен од троска е одличен материјал за градежништвото – објасни Пејовски.

Тој информираше и дека во регионот троската се бара како „алва“ и дека треба да се искористи тој момент, бидејќи околните земји веќе ја користат преработена во поправката и градењето на новите автопатишта. Наредните петнаесетина години малите и средни претпријатија, текстилната, градежната индустрија, металургијата и производството на храна и биомаса, треба да ги искористат за сосема да се ослободат од емисијата на стакленички гасови. Тоа веќе 22 години упорно го прави и овој металургиски комбинат, чијашто основна суровина е отпадното железо, додаде Пејовски.

– Челикот игра клучна улога во циркуларната економија, бидејќи може повторно да се користи и да се рециклира. Отпадот од старо железо што ние го користиме, содржи 70 отсто челик, а остатокот се секундарни суровини – истакна тој.

Според Марија Павловска Дуковска, во ерата на актуелната дискусија за циркуларната економија, АД „Макстил“ е меѓу пионерите што со години сериозно го сфаќаат и на дело го спроведуваат концептот на многу малку отпад и користење на остатоците од произведениот челик како суровина што наоѓа примена во другите индустрии, конкретно градежната. Таа потсети дека кога се зборува за металната индустрија, односно за тешката индустрија и за начинот на добивање течен челик, препораките на глобално ниво за да се има „зелен челик“ е производство во електропечка, а тоа е печката што ја има „Макстил“.

– Многу е актуелно да се зборува за циркуларната економија, а ние вистински ја применуваме со ставање на нашиот фокус на минимизирањето на отпадот, поточно конкретната цел за неколку години да бидеме компанија со „нула отпад“ – поентираше Дуковска-Павловска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот