
Премиерниот настап на „Ноу бордерс оркестра“ кај нас ќе се случи во Камерната сала на Филхармонија
Македонската публика ја очекува врвен и премиерен настан во Скопје со концерт на „Ноу бордерс оркестра“ (No Borders Orchestra), ансамбл во кој членуваат музичари од поранешните југословенски републики.
Препорачано
„Ноу бордерс оркестра“ (НБО), врвен ансамбл составен од музичари од просторите на поранешна Југославија, ќе одржи концерт на 5 септември, со почеток во 20 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија, во рамките на својата регионална турнеја „Turning Point“.
НБО веќе една деценија ги надминува етничките, религиозните и националните разлики преку музиката како пример за единство во различноста. Не само што беше крунисан во 2023 година со наградата Шампион на регионална соработка именувана по д-р Ерхард Бусек, која ја доделува Советот за регионална соработка и австриското Министерство за надворешни работи, туку го сними и своето прво издание за „Universal Music“ под етикетата „Deutsche Grammophon“, најважната издавачка куќа во светот. Тоа многу зборува за уметничкиот квалитет на овој ансамбл.
Концертот во Скопје ќе биде со програма која вклучува некои од најзначајните и најубавите дела компонирани за гудачки ансамбл, дела од Арнолд Шенберг, Рихард Штраус и Густав Малер, а програмата ќе вклучува и изведби на четири дела од водечки млади регионални композитори нарачани од НБО. Публиката ќе има можност да ги слушне композициите на Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Винче (Хрватска), Марко Никодијевиќ (Србија), а покрај нив, програмата ќе го вклучи и делото на македонската композиторка Дарија Андовска.
– Светот, кој во последните години беше погоден од разни кризи, има потреба од промени на различни нивоа. НБО ја гледа оваа криза како можност и шанса за обединување во борбата за подобар свет. Преку врвна музика и проектот „Turning Point“, НБО нè потсетува дека е можно да се надминат разликите и да се создаде подобар свет преку заедништво. Овој концерт ни дава можност публиката да доживее силна уметничка порака, која нè води кон цивилизација заснована на мир, разбирање и заедничко дејствување – истакнуваат организаторите на концертот.
Концертот е поддржан од: Sigrid Rausing Trust, European Fund for the Balkans, Австриската амбасада, Словенечка амбасада, ЕВН и Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Аустриа ДОО Скопје.