Преговорите со Софија на „летен одмор“ до август

Фото: EPA/STEPHANIE LECOCQ

Изборите во Бугарија се на 11 јули, владата се очекува да биде формирана во август, кога ќе бидат обновени и политичките контакти за решавање на спорот, а дотогаш ќе комуницираат работните групи, најави премиерот Заев.

Македонија ќе ја чека идната политичка влада на Бугарија во август за да ги обнови политичките контакти со Софија за договор за надминување на спорот, а дотогаш состаноците ќе продолжат на ниво на работните групи кои се координирани од министерствата за надворешни работи на двете земји, најави вчера премиерот Зоран Заев, кој пред декемврискиот самит на ЕУ не очекува усвојување на преговарачката рамка за членство, иако одлучувачки самит под словенечкото претседателство со Унијата ќе има и на 6 октомври. И претседателот Стево Пендаровски смета дека премиерот Заев во овој момент нема потреба да патува на разговори во Бугарија, каде што во тек е предизборна кампања за вторите предвремени парламентарни избори на 11 јули, откако во април ниедна партија не освои доволно пратеници за да состави влада. Според аналитичарите, по второто вето за преговарачката рамка, испорачано минатата недела на состанокот на ГАК во Луксембург, Софија ќе биде под силен притисок од меѓународната заедница и во декември ќе ја тргне блокадата, а веќе се чувствува дека ретерира од своите цврсти позиции.

 

Следната одлука е во декември

 

Премиерот Заев се согласува со министерот Бујар Османи, кој викендов истакна дека е најважно што се потврдило дека со Софија не се преговара за македонскиот јазик и идентитет.

– Тоа го соопшти и бугарската страна, затоа што тоа е предвидено во преговарачката рамка и таму стои „преводот на ‘акито’ ќе биде на македонски јазик“. Точка. Тоа е важно прашање. Тоа беше за нас најважното. Секако, важно е и Бугарија да ја тргне блокадата. Не би чекал јас октомври затоа што секоја година на крај на претседателството се носат одлуки. Според мене, декември е следната одлука, иако на 6 октомври има закажано самит за Западен Балкан и за проширувањето на ЕУ. Но, изгорени сме неколку пати, и јас и нашиот народ, и не би ги кревал надежите за 6 октомври, затоа што нема логика, имајќи предвид дека ваквите одлуки Европскиот совет и Советот за општи работи ги носат на крајот на полугодието кога завршува претседавањето на одредена земја. Верувам дека Словенија исто така ќе покаже сериозен фокус по ова прашање – рече вчера Заев. 

Тој повтори дека во „патоказот“ на 18 страници се содржани сите аспекти од соработката во инфраструктурата, економијата, спортот, културата, образованието и одбраната, а таквиот предлог за соработка бил сугериран од португалската иницијатива и Бугарија го прифатила.

– Во самите точки нема ништо проблематично. Секако, обврската е на двете страни, не само на нашата, за побрза и поефикасна имплементација на Договорот за добрососедство. Тоа е всушност преземање на обврските. Овој документ беше даден во случај на „зелено светло“, затоа овој пат навистина сакаме да знаеме колку сме сериозни, и ние, но и Бугарија – рече Заев.

Според аналитичарот Исмет Рамадани по второто вето од Софија се чувствува како работите да одат во наша полза, а Бугарија во декември ќе попушти.

– Во Софија веќе го чувствуваат притисокот што доаѓа од САД и од ЕУ. Веројатно ќе оценат дека некои барања од декларацијата од нивното собрание се апсурдни и не кореспондираат со цивилизациските текови, стандардите на ЕУ и американската демократија. Со нова политичка влада се очекува Софија да се повлече од нивната политика која вклучува мешање во туѓи државни атрибути. Самото писмо од нивното МНР е индикација дека се повлекуваат – вели Рамадани за „Слободен печат“.

 

Не ја крои Софија светската геополитика

 

Според Рамадани, Македонија треба да ја продолжи комуникацијата со Бугарија по нивните избори и да продолжи да ги гради своите позиции пред ЕУ и САД. Тој верува дека дебатата може да биде од полза, но најважниот чекор треба да го направи Софија.

– Регионот мора да продолжи кон полноправното членство во ЕУ. Нема друга опција. Тоа е геополитика и на најмоќните држави и Софија нема да може долго да ѝ се спротивставува – заклучува Рамадани.

За разлика од премиерот, министерот Османи е оптимист дека веќе во септември може да се очекува да се постигне договор меѓу Скопје и Софија. До договорот ќе се дојде со неколку чекори кои главно се поврзани со словенечкото претседавање, со португалскиот предлог и патоказот, кој Македонија и Бугарија ќе го дефинираат пред септември. Во интервју за Радио Слободна Европа Османи потенцира дека се додека одлуките за проширување се носат со консензус, Софија може да не блокира за кое било прашање, а во процесот ќе има можност за над 200 блокади. На прашањето за што точно се разговара со Бугарија, Османи вели дека прашањето е комплексно и посочува дека во предлог-преговарачката рамка Бугарија спори три прашања, името, јазикот и гаранцијата за спроведување на договорот.

– Во рамката има една реченица со техничко значење дека „акито“ ќе се преведе на македонски јазик. Бугарија смета дека треба да се користи формулацијата од Договорот од 2017 година која што беше една реципрочна билатерална формулација за јазикот во којшто бугарскиот јазик беше напишан како бугарски јазик според Уставот, а македонскиот беше напишан како македонски јазик според Уставот или вториот пристап да се дефинира историскиот контекст на создавање на јазикот во некој билатерален договор. Така што, да, спорен од нивната страна е тој момент за кое што португалското претседателство има решение за кое ние сметаме дека е добра основа – објасни Османи.

За писмото во кое бугарското МНР тврди дека Македонија се обврзала на пет точки Османи објасни дека тоа би важело доколку имало договор, односно ако Бугарија го тргнеше ветото, а до тоа не дојде. Бугарското МНР објави дека македонските власти на средбите во Софија на 17 јуни се обврзале земјава најскоро можно пред ОН потврди дека името РС Македонија не го означува географскиот регион Северна Македонија, кој се наоѓа во Бугарија, ќе запре со малцински претензии кон Бугарија, ќе почне рехабилитација на жртвите од југословенскиот комунизам, ќе ја адаптира содржината на наставните програми за објективно да се прикаже заедничката историја и ќе ги отстрани таблите и натписите што шират омраза кон Бугарија и Бугарите.

 

Заев: Нема потреба од предвремени избори

 

Премиерот Зоран Заев смета дека нема потреба од предвремени избори поради повторената блокада од Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ, затоа што Софија може да ни става вето секоја година, а тоа не значи дека секоја година ќе се организираат избори.

– Знаете, во такви предизвици кога се случија уставните промени, ги направивме сите реформи дома и навистина тоа стопроцентно беше потврдено, но заради новата методологија на предлог на францускиот претседател се случи одложувањето. Тогаш ја поднесов оставката и повикав на избори и отидовме на избори со главна помисла дека граѓаните треба да одлучат дали остануваме на европскиот пат или ќе разработиме други варијанти. Одлучија граѓаните, дадоа поддршка и покрај такви тешки процеси еве јас добив чест и одговорност повторно да ја водам македонската Влада. Сега мислам дека нема потреба, заради тоа што не е во ред, секоја година се одлучува од страна на ЕУ и секоја година не е рационално да се оди на избори – изјави премиерот Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот