Правда реагира: Министерството нема дадено согласност за употреба на името „Иван Михајлов“

Фото: МИА

Во врска со наводите изнесени од страна на претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Весна Бендевска Министерството за правда информира дека нема никаква надлежност да врши надзор над работата на здруженијата.

-Согласно член 58 од Законот за здруженија и фондации, Министерството за правда единствено е надлежно да врши надзор на законитоста на примената на одредбите од законот.  Министерството за правда нема дадено согласност за употреба на името ,,Иван Михајлов”. Во однос на постапката за регистрација на здружението „Иван Михајлов“, до Министерството за правда на ден 27.02.2019 година доставено е барање за давање на согласност за регистрација во Централен регистар. Министерството за правда со допис од 05.03.2019 година достави одговор на барањето со кое се известува подносителот дека согласно член 9 став (1) од Законот за здруженија и фондации Министерството за правда издава одобрение за употреба на зборот „Македонија“, зборовите изведени од него, како и неговите кратенки, за употреба во името на организацијата. Со оглед на тоа дека во називот на здружението – Културен центар Иван Михајлов, кое било во постапка и регистрирање во Централниот регистар на Република Северна Македонија, содржано е името на историска личност, а земен e предвид фактот дека не постои регистар на историски личности или било кој друг документ со кој може да се утврди статусот на историската личност, Министерството за правда не издаде одобрение за употреба на името „Иван Михајлов“ во името на здружението. Известувањето дека не може да се даде согласност, значи дека нема одобрение од страна на Министерството за правда, констатира Министерството.

Денеска Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди продолжено и повеќекратно вознемирување како потежок вид дискриминација извршено од клубот „Ванчо Михајлов“ кон членовите, семејствата, поддржувачите и почитувачите на Сојузот на борците, но и кон македонскиот народ и припадниците на сите заедници во македонското општество.

Комисијата препорача здружението да ги отстрани сите спорни елементи во името, статутот и програмата во рок од 45 дена, но и да ги отстрани сите спорни содржини од својата Фејсбук страница кои предизвикуваат вознемирување поврзани со ликот и делото на Иван Михајлов во најкус рок, но не повеќе од 30 дена. Исто така препорача Министерството за правда да изврши надзор врз законистоста на примената на одредбите на Законот за здруженија и фондации кој забранува да се организираат и формираат здруженија кои потикнуваат ширење на расна нетрпеливпост во рок од 45 дена и за тоа писмено да ја извести Комисијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот