Потерница по синот на сомалискиот претседател откако прегазил човек во Истанбул и избегал од Турција

Собир во Могадишу организиран од владата за честитање на изборната победа на Ердоган - Фотографија Profimedia

Турските власти бараат да ѝ биде испорачан на Турција синот на сомалискиот претседател, кој избегал од земјата откако во Истанбул предизвикал сообраќајна несреќа со фатални последици.

Мохамед Хасан Шеих Мохамуд на 1 декември со своето возило удрил во курир на мотоцикл во Истанбул. Откако на 6 декември курирот Јунус Емре Гоџер починал од повредите во болница, турските власти објавиле потерница по Мохамед и забраниле да ја напушти земјата, но тој наводно веќе ја напуштил Турција.

Притисокот за екстрадиција во неделата го зголемиле курири и други граѓани, кои протестирале во Истанбул и инсистираат Мохамед пред суд да одговара за смртта на Гоџер. На протестите се придружи и истанбулскиот градоначалник Екрем Имамоглу, кој ги обвини властите дека „премногу слабо ги бранат правата на своите граѓани“.

– Осомничениот ја напуштил Турција со слободни раце – изјавил градоначалникот, кој е еден од најпопуларните опозициски политичари во Турција.

Министерот за правда Јилмаз Тунч објави дека се покренати „меѓународни процедури“, без да објаснува.

– Без оглед на титулата, секој е еднаков пред правдата и затоа се спроведува процес за приведување на осомничениот, вклучувајќи и меѓународна процедура – изјави Тунч.

Министерот истакна дека е отворена и истрага и за тоа дали полициските офицери што ја извршиле првичната истрага за сообраќајната несреќа дозволиле осомничениот да избега.

Полицијата не објави каде избегал синот на сомалискиот претседател.

Сомалиски дипломат во Турција, кој инсистирал на анономност, вчера изјавил за Асошиетед прес дека синот на претседателот Хасан Шеих Мохамуд веднаш по сообраќајната несреќа го однесол тешко повредениот човек во болница, а потоа заминал во Дубаи. Дипломатот потврдил дека возилото со кое било предизвикана несреќата било во сопственост на Амбасадата на Сомалија. Членовите на семејството на претседателот патуваат со дипломатски пасоши, а и престојувале долго време во Турција.

Претседателите Ердоган и Мохамуд во Могадишу во 2015 година – Фотографија ЕПА, Саид Јусуф Варсаме

Могадишу и Анкара одржуваат пријателски и трговски односии уште од 2011 година, кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, тогаш како премиер, ја посети Сомалија за да ѝ изрази поддршка по катастрофалната суша и да ѝ испорача хуманитарна помош. Турција инвестираше и во инфраструктурни проекти во Сомалија и изгради воена база во која се обучуваат воени и полициски офицери.

Жители на Могадишу изразиле загриженост дека инцидентот ќе ги влоши односите и стравуваат за безбедноста на Сомалијците во Турција.

– Ова може да има последици за сомалиската заедница што живее во Турција, како и за бизнисот. Малку е веројатно дека претседателот ќе ѝ го испорача својот син на Турција за да се соочи со правдата, што сериозно би ги нарушило односите меѓу двете нации – изјавил за Асошиетед прес жител на Могадишу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот