Поразително: Половина од децата во скопските градинки ги немаат примено сите дози вакцина против пертусис, некои ќе останат дома 6 месеци

Рената Младеновска/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Половина од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или нецелосно се вакцинирани со вакцина против голема кашлица односно пертусис, рече директорката на Државниот здравствен и санитарен инспкторат доктор Рената Младеновска. Овие бројки таа ги црпи од податоците што ги добиле здравствените инспектори од контролите во државните и приватните градинки. Здравствените инспектори се на терен во градинките во целата држава и единствениот проблем со вакцинацијата е во Скопје, затоа што во градовите од внатрешноста, контролите покажале дека над 95 проценти од децата се вакцинирани со Ди Те Пер. Токму и во Скопје е прогласена епидемија со голема кашлица. Младеновска е децидна – нема да има исклучоци од правилото наложено од страна на министерот за здравство Илир Демири. А правилото е – секое дете кое ги нема примено сите дози вакцина против голема кашлица согласно задолжителниот календар за имунизација, да не се прима во градинка.

-Сите инспектори во Скопје почнаа да ги вршат вонредните инспекциски надзори согласно одлуката што ја добивме од страна на министерот за здравство. Издадовме решенија во сите градинки во Скопје за забрана за прием на невакцинирани деца со Ди Те Пер вакцината или пак за  нецелосно вакцинирани деца со оваа вакцина. Согласно првичните информации од терен, речиси 50 проценти од децата кои посетуваат градинки во Скопје се невакцинирани со Ди Те Пер вакцината или нецелосно вакцинирани што е поразителен факт за ова општество. Вчера одговорните лица во градинките ни ги доставија списоците и од таму ги влечеме овие бројки. Оваа акција ќе продолжи и наредните денови. Директорите на детските градинки не уверија дека ќе ја почитуваат мерката а ние ќе проверуваме, рече директорката на ДСЗИ доктор Рената Младеновска.

Таа додаде дека е апсолутно неточно оти дете кое е вакцинирано треба да седи 21 ден дома после вакцината.

-Вчера почнавме да вршиме вонредни инспекциски надзори во градинките во внатрешноста на државата. Од првичните информации, покриеноста во другите градови со Ди Те Пер вакцина во предучилишна возраст е над 95 проценти. Во градовите од внатрешноста, родителите се одговорни. Очигледно е дека проблемот е во Скопје. ДСЗИ постапува по донесената одлука на министерот за здравство и нема да се прави исклучок освен ако министерот не ни наложи поинаку да постапуваме. Приватните градинки се подеднакво контролирани како и државните, додаде Младеновска.

„Слободен печат“ се обрати на вакциналните пунктови во Скопје каде се врши имунизацијата. Таму има драматична ситуација. На дел од родителите им е загрозена егзистенцијата зашто нередовно ги вакцинирале децата и сега се потребни месеци за да се надополнат дозите. Имено, во некои ситуации, доколку децата пропуштиле повеќе од една доза Ди Те Пер вакцина која се прима на 2,4,6, 18 месеци и на 7 години, тогаш може дома да останат и шест месеци, затоа што не може во еден ден да ги надополнат пропуштените дози.

Докторката од вакциналниот пункт во поликлиниката Букурешт, Сања Цилевска Младеновска за „Слободен печат“ вели дека за да се надополни вакцинацијата со Ди Те Пер, во некои индивидуални случаи ќе бидат потребни и 6 месеци.

-Помеѓу третата доза и ревакцината мора да поминат минимум 6 месеци. Најголем дел се без трета доза и ако ја примат таа доза денеска, тогаш треба да чекаат 6 месеци до ревакцината. Тоа е голем проблем и меѓу другото може да претставува и егзистенцијален проблем. Од вчера до денеска во мојата пракса, видов барем 20 такви случаи, изјави доктор Цилевска Младеновска за „Слободен печат“.

Меѓутоа, од медицински причини не е возможно да се аплицираат повеќе дози одеднаш од Ди Те Пер вакцината туку вакцинирањето мора да оди етапно. Тоа внесува страв и неизвесност како и паника кај родителите кои се соочуваат со немање каде да го згрижат детето за да одат на работа.

 

Само минатата недела Институтот за јавно здравје регистрираше 50 нови случаи на голема кашлица.
Уште на 9 февруари Центарот за јавно здравје Скопје прогласи епидемија, а два дена претходно Комисијата за заразни болести препорача во градинките да не се примаат невакцинирани деца со Ди Те Пер вакцината.

Големата кашлица е предизвикана од бактеријата „бордатела пертусис“ и е многу заразна респираторна болест позната по силните напади на кашлање. По овие напади, болните често мора да земат длабок здив. Инфекцијата се шири низ респираторниот тракт кога заразеното лице кашла или кива. Луѓето во близина можат да ги вдишат овие капки и да се заразат. Големата кашлица ги погодува сите возрасти, но кај возрасните обично е поблага и се опишува како 100-дневна кашлица што може да се лекува. Но, кај децата тоа може да доведе до компликации како воспаление на белите дробови, отежнато дишење и напади.

На 15 март се очекува да пристигнат првите вакцини против голема кашлица за возрасни во земјава. Тие ќе бидат наменети само за возрасните што живеат во семејства со деца под 2 години, вработените кои работат со деца под 2 години, како и жените бремени во третиот семестар од бременоста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот