Поплавите во делчевско натераа 105 граѓани да пријават штета

Фото: Фејсбук / принтскрин

Продолжува неповолната хидролошка состојба во Делчевско. Новите поројни дождови кои вчера ја зафатија територијата на Општина Делчево оштетија дел од локалната патна мрежа во делчевското село Драмче каде од надојдените води е поткопан мостот кој минува низ селото, а поплавени се неколку вили и помошни објекти.

 

-Беше страшно, огромна водена маса течеше по патот и сврте лево од мостот кој исто така беше зафатен од надојдените води. Низводно има викендички и други објекти кои исто така беа загрозени од невремето, информира жител на селото.

 

Невремето и справувањето со штетите предизвикани од поплавите беа тема на прес-конференција на локалната организација на ВМРО-ДПМНЕ кои јавно запрашаа дали градоначалникот на Делчево чувствува морална одговорност за, според нив, не преземањето доволно мерки за штетите од невремето и дали за тоа ќе си поднесе оставка од функцијата градоначалник на општината како надлежна за преземање на хумани дејности во сличај на природна непогода.

Во меѓувреме од Општината информираа дека екипи на ЈКП „Брегалница“ во текот на изминатите два дена поставуваа вреќи со песок на свлечиштата што се создадоа по големите поплави во Делчево во населбата Трети реон како активност која се реализира со цел да се превенира понатамошно сливање на водата врз земјата и лизгање на земјиштето.

Градоначалникот  на Делчево, Горан Трајковски  заедно со директорот на ЈКП „Брегалница“, Стојковски повторно направи увид на теренот при што  истакна дека стручните лица веќе прават проценки, како да се санираат свлечиштата, но механизацијата на овие три критични точки може да работи по смирување на временските услови.

– Овие свлечишта, се комплексни зафати и бараат истражни работи и стручни проекти од областа на геомеханиката. Наредниот период, Општината ќе изработи проекти и ќе се пристапи кон решавање на проблемот. Невремето коешто го зафати Делчево предизвика сериозни штети на инфраструктурата. Точно една недела по катастрофалните поплави при што за повеќе од еден час наврнаа 65 литри на квадратен метар.Сите екипи на ЈКП „Брегалница, ТППЕ Делчево работеа на санација на штетите, чистење на наносите, каналите и сл. Екипите беа максимално ангажирани и сите максимално беа во служба на граѓаните и во заштита на имотот на граѓаните, потенцираше Трајковски.

До Општина Делчево досега 105 граѓани пријавиле штети, при што најчесто пријавуваат штети од поплавени подруми, оштетени машини и апарати за домаќинство, мебел, најразлична опрема, паднати или оштетени плафони, а пријавени се и оштетувања на десетина автомобили. Во Делчево со одлука на Совет минатата недела беше прогласена елементарна непогода како последица на силното невреме кое го зафати градот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот