
Полошо од шеќерот: Овие состојки во храната ве прават постојано гладни и не можете да ослабете, повеќе штета отколку корист
Широко користениот засладувач кој се наоѓа во нискокалоричните газирани сокови и кечапот може да го измами вашиот мозок и да ве натера да јадете повеќе, сугерира новото истражување.
Препорачано
Научниците од Универзитетот во Јужна Калифорнија открија дека консумирањето на вообичаениот засладувач без калории ја зголемува активноста во „жариштата на гладот“ во мозокот.
Тие објаснуваат дека ова го збунува мозокот, бидејќи предизвикува очекување на дополнителни калории – кои никогаш не пристигнуваат.
Оваа неусогласеност може да предизвика желба за дополнителна храна, сугерираат истражувачите.
Експертите спровеле експеримент со 75 учесници и откриле дека овој ефект е поизразен кај дебелите личности.
Нивните наоди имаат широки последици, со оглед на тоа колку луѓе консумираат „диетални“ или производи „без шеќер“ во обид да ослабат или да ја одржат својата линија.
Д-р Кетлин Алана Пејџ, експертка за хормони и дијабетес и авторка на студијата, објаснува дека засладувачот создава „неусогласеност“ во мозокот.
– Ако вашето тело очекува калорија поради слаткиот вкус, но не ја добие, тоа може да го промени начинот на кој мозокот со текот на времето почнува да копнее по тие супстанции – рекла таа.
Во својата студија, објавена во списанието „Природа метаболизам“ (Nature Metabolism), научниците тестирале како 75 учесници реагираат на три различни пијалаци, консумирани во различни прилики.
Еден пијалак бил обична вода, друг го содржел вештачкиот засладувач сукралоза, додека третиот бил засладен со шеќер.
Секој учесник бил подложен на снимање на мозокот со магнетна резонанца (МРИ), дал примероци од крвта и пополнил анкета за чувството за глад пред и по секој пијалак.
Резултатите од скенирањето покажале дека учесниците имале зголемена активност во хипоталамусот по консумирањето пијалок со сукралоза.
Хипоталамусот е дел од мозокот кој ги контролира основните телесни процеси, како што се температурата на телото, заморот и, што е клучно, чувството на глад.
Скенирањата исто така покажале дека сукралозата ја зајакнала врската помеѓу хипоталамусот и другите делови од мозокот кои се поврзани со мотивацијата и донесувањето одлуки.
Овие ефекти биле особено изразени кај дебелите лица.

Д-р Пејџ изјавила дека овие наоди сугерираат дека засладувачот може да влијае на желбата за храна и обрасците на исхраната.
Резултатите од анализата на крвта откриле уште еден начин на кој сукралозата може да ја поттикне желбата за храна.
Кога учесниците пиеле раствор со вистински шеќер, научниците забележале дека телото произведува хормони поврзани со намалување на апетитот.
Меѓутоа, овие хормони не биле присутни кога учесниците консумирале сукралоза, пишува „Дејли мејл“.
– Телото ги користи овие хормони за да му сигнализира на мозокот дека сте внеле калории, со што го намалува чувството на глад. Сакралозата го немаше овој ефект – и разликите во хормоналниот одговор помеѓу сукралозата и шеќерот беа уште поизразени кај дебелите учесници – објаснила д-р Пејџ.
Во студијата учествувале 75 испитаници, речиси подеднакво поделени според пол, со различна телесна тежина – здрави, со прекумерна тежина и дебели.
Едно од откритијата што бара дополнително истражување е дека жените покажале поголеми промени во мозочната активност по консумирањето на сукралоза.
Тимот сега планира нова студија, во која ќе го истражи влијанието на засладувачите без калории, како што е сукралозата, на децата.
Сукралозата била случајно откриена во текот на рутински експерименти во 1970-тите од британски научник.
Таа е околу 600 пати послатка од шеќерот, но практично не содржи калории.
Иако оваа студија сугерира дека засладувачите без калории може да го зголемат апетитот и ризикот од дебелина, некои претходни истражувања покажале спротивни резултати.
Британска студија објавена минатата година открила дека, кога се консумираат во храната, засладувачите без калории може да го зголемат нивото на хормони кои го потиснуваат апетитот, слично како шеќерот.
Меѓутоа, други истражувања покажале дека сукралозата го зголемува нивото на протеинот ГЛУТ4, кој поттикнува таложење на маснотиите во клетките – процес поврзан со поголем ризик од дебелина.
Засладувачите често се сметаат за поздрава алтернатива на шеќерот, бидејќи не го носат истиот ризик од дијабетес тип 2, срцеви болести, мозочен удар, зголемување на телесната тежина и пропаѓање на забите.