Политичко беседништво

Симеон Гелевски повеќе од половина век од својот живот има поминато на Правниот факултет

Во оваа изборна битка, натпревар, политичка борба и кандидатска промоција, најважно оружје на кандидатите е нивната дарба, талент, карактер и особено нивната моментална вдахновеност, нивното политичко беседништво односно снагата на изговорениот збор, подобноста на изговореното да остави силен впечаток на граѓаните за судбината и иднината на земјата, која според неговата програма го нуди вистинскиот пат.

Македонија е во екот на политичка кампања за избор на претседател на Република Македонија. Кандидати за претседател се седум личности и тоа две уважени дами и пет господа од политичката елита. Секојдневно низ Македонија ечат митинзи, говори, претставувања и политички кампањи на кандидатите и на партиите и граѓаните кои ги подржуваат своите кандидати и сите се надеваат дека нивниот кандидат е вистинскиот.
Кој од нив ќе ја добие најголемата поддршка на електоратот и ќе биде избран во првиот, односно во вториот круг, ќе знаеме на 8 мај годинава.
Во Македонија гласачкото тело, партиите и политичките елити се во предизборен транс, а кандидатите, пак, во своите кандидатски пледоајеа, ветуваат светла иднина, демократија, економски развој, реформи, преродби итн. Секој од кандидатите како знае и умее, се обидува да ги убеди граѓаните, дека токму тој/таа и неговата/нејзината политичка опција се одлични и дека очекува граѓаните токму него да го/ја поддржат и да биде идниот претседател на Република Македонија.
Во оваа изборна битка, натпревар, политичка борба и кандидатска промоција, најважно оружје на кандидатите е нивната дарба, талент, карактер и особено нивната моментална вдахновеност, нивното политичко беседништво односно снагата на изговорениот збор, подобноста на изговореното да остави силен впечаток на граѓаните за судбината и иднината на земјата, која според неговата програма го нуди вистинскиот пат.
Суштината на политичкото беседништво се состои во тоа што со елоквентно и речито изразување, со убави и добро употребени зборови, се постигнува саканата цел, граѓаните да се убедат или кај нив да се предизвикаат силни емоции.
Целта на политичкото беседништво е во убедување на помал или поголем број граѓани во идеите и ставовите на кандидатот што во основа имаат политички карактер. Во моментов во Македонија овие настани се одвиваат на разни политички собири, митинзи, претставувања, радиотелевизиски емисии и на разни граѓански собири.
Политичкото беседништво подразбира поседување на одредени квалитети, особено познавање на психологијата на масите, начинот на нивната реакција, фактите, способноста за наметнување и привлекување на внимание, ускладување мимики и зборови, соодветен начин на изразување и способност за артикулирање на политичката цел.
За развој на беседништво неопходен е соодветен општествен амбиент, а очигледно е дека демократскиот амбиент е најоптимален за развој на беседништвото.
Радува фактот што во овој изборен натпревар се вклучија седум кандидати, па граѓаните на Република Македонија, имаат убава можност да чујат разни политички опции, разни таленти за ораторство, карактери, дарба, харизма и сл., па и убава можност да ценат, обмислат и да се одлучат за прав и вистински кандидат за функцијата прв човек во државата.
Значи, понудата е солидна, тие имаат можност од повеќе кандидати согласно своите барања да изберат соодветен кандидат со, за нив прифатлива Програма.
Сепак, клучно прашање што се наметнува е кој треба да биде прв човек на државата? Во случајот, дама или господин од седумтемина легитимни кандидати.
Стара е дилемата дали истакнати луѓе ја создаваат историјата или обратно: историскиот момент ги раѓа водачите на нацијата, односно луѓето што најдобро знаат да ги сфатат потребите на своето време и имаат способност да ги изразат.
Значи, во прашање е дилемата и одговорноста на граѓаните, каков кандидат да одберат за тој да биде успешен, да се грижи за клучните државнички работи и за оние вистинските за ред и поредок и за демократско управување со општествените односи во државата, а уште повеќе во сложените меѓународни дипломатски односи.
Дали нам ни е потребен просечен претседател кој формално ќе ги почитува и остварува неговите уставно-правни ингеренции, но со скромно државничко искуство, знаење, умешност и без виспреност во државнички комуникации во регионот, во Европа, па и пошироко?
Секој избран кандидат не може да се смета за лидер и водач во вистинска смисла на зборот. Нам сега, во оваа сложена ситуација – внатрешна и надворешна воопшто – не ни е потребен просечен претседател. Кандидатот ќе биде треба да има и некои додатни особини кои предизвикуваат почитување, па дури и восхит кон него за да му се довери да биде водач на нацијата. Потребно ќе биде да го красат одлучност, стабилност, сигурност во себе, како и одлики што ги красат речиси сите значајни водачи.
Секој лидер кој не е во можност да ги плени со својот авторитет најнапред своите соработници, но и обичните граѓани, нема никаква шанса да биде успешен претседател. Ако тој успешно ги истакнува и верува во вредностите на македонската нација (на своите македонски државјани), ако ги подгрева нивните надежи за ЕУ, за подобар живот, за право и правда, тогаш граѓаните ќе се почувствуваат сигурни и тој ќе им стане омилен фаворит. Од друга страна, ако ги подгрева негативните сценарија на идни несигурни состојби на граѓаните и државата со стравови во и за иднината – тој лидер нема никакви шанси да ги добие изборите.
Позитивните перспективи што ги нуди кандидатот ги подгреваат надежите за подобро утре и ја зацврстуваат вербата во идеологијата на кандидатот за лидер и за водач на државата.
Тој не смее да биде сентиментален кога донесува важни одлуки. Дури кога носи тешки одлуки, ќе биде принуден да се откаже од некои блиски соработници и да ги стави општите интереси над некои свои и на своите соработници. Во јавните настапи треба да укажува на приврзаност кон народот, кон граѓаните и кон нивните интереси и вредности.
Лидерот во одредена мера мора да остане малку и мистичен. Целосната вистина за приватниот живот на големите претседатели никогаш не ја здогледува светлината на денот. Таа доза на мистика го чини посилен и понедопирлив. Ако секој граѓанин знае сѐ за својот лидер, нивото на почит спрема него по закономерност видно ослабува. Затоа и тие, својот приватен живот по правило го држат подалеку од очите на јавност.
Реткост е кандидат за лидер да не е обдарен говорник. Тој мошне внимателно одмерува што ќе каже, кога тоа ќе го каже, да го каже на вистински начин и во прав амбиент – тоа е клучот за успех на секој кандидат.
Речиси секој претседател има специјални советници за односи со јавноста кои му ги подготвуваат неговите говори и неговиот настап. Но, вистински услов за добар говор е природниот талент на говорникот и како тој својот говор ќе го презентира. И обични работи ако се изнесат на паметен начин, од страна на личност со авторитет и знаење, оставаат убав впечаток, па дури и претставуваат авторитетна мудрост.
Може да се каже дека во поново време постои криза на вистински лидери, државници, претседатели и водачи на нациите. Се менуваат околностите, лидерството бара нови квалитети. Големи водачи се сѐ помалку, а за возврат се појавуваат менаџери како водачи. Но, по некој исклучок се случува да избликне одличен избор на некој кандидат за водач, за кој и најмалку се надеваме.
Замислете да имаме таква среќа кај нас, оној што ќе го избереме од постојните седум кандидати по некоја случајност да се случи да воскресне во постизборниот период иако на почетокот оставил блед впечаток во предизборието, па да успее да се развие во вистински мислител, лидер и реформатор кој најдобро ќе знае да ги сфати потребите на своето време за преродба на Македонија во современа и просперитетна држава.
Желбата ми е да имаме среќа во изборот на новиот претседател на нашата сакана Македонија во смисла на претходниот став и да ни се случи лидер и реформатор на Македонија со програма и визија за современа, перспективна и демократска држава во срцето на Балканот.

(Авторот е почесен професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот