Поезија напишана во ритамот на срцето

Како самиздат од печат излезе збирката поезија „Вдлабнато минато“ од Трајче Донев – Соколарец. Во збирката се објавени 30 песни инспирирани од животот на авторот. Својата рецензија кон збирката поетот Ефтим Клетников ја насловил „Во прегратка на лирското“, со што и ја оформува жанровската определба на песните на Донев.

– Во таа „рамка“ е сместена арс-поетиката на авторот: да му се предадеш спонтано и без отстапка на главниот и широк ритам на срцето и на неговите поетски возбуди, на чувствата што едноставно бликаат од него. Тоа е, всушност, поетиката на поривот за која говори и која ја преферира и нашиот поетски бард Конески… Во манирот на таквиот поетички императив се напишани сите песни објавени во стихозбирката на Трајче Донев. Тие се поезија на еден благо романтизиран сентиментализам, како широко и безрезервно отворена слика на срцето, кое е основната фигура на чувствата на секоја личност – напиша Клетников.

Авторот Трајче Донев (1944) е роден во с. Соколарци, Кочанско. Завршил Учителска школа во Штип и Филозофски факултет во Скопје. Во текот на својот живот работел како учител и професор по македонски јазик и литература во гимназиите „Браќа Миладиновци“, „Орце Николов“ и „Кочо Рацин“. Бил директор во основното училиште „Ѓорче Петров“ во Скопје.

Со литература се занимавал уште во ученичките години, пишувајќи проза, поезија и други состави. Своите пензионерски денови ги користи за да остави книжевна трага зад себе. Стихозбирката „Вдлабнато минато“ отсликува подолг период од неговиот живот. Во моментов подготвува и збирка раскази со мотиви од учителските денови.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 162, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот