По обилните врнежи посевите во Пелагонија се „дават“ во вода

Пелагонија Фото: Васка М. Младеновска/Слободен печат

Поројните дождови кои вчера наврнаа во Битола и битолско и подземните води кои поради слабата пропустливост на одводните канали доведоа до поплавување на земјоделските култури во најголемата житница во државата, Пелагонија.

Почвата во најголемата житница Пелагонија е презаситена од влага. Вчерашните обилни врнежи од дожд и слабата пропусна моќ на одводните канали придонесоа подземните води да бидат на највисоко ниво а пченицата во пониските парцели да биде под големи количини на вода.

Временските неприлики и обилните врнежи им го отежнуваат и поскапуваат производството на пелагониските земјоделци.

Пелагонија Фото: Васка М. Младеновска/Слободен печат

Житните парцели во Пелагонија наликуваат на мали езерца. Според пелагониските земјоделци, најкритично е во нивите што гравитираат во пограничниот регион со Република Грција.

Земјоделците стравуваат дека ќе се намалат приносите за 20 проценти.

-Развојот на житните култури, посебно пченицата беше солиден, но, новонастанатата состојба негативно ќе влијае бидејќи доаѓа во највиталниот период кога пченицата требаше да напредува во братењето. Ќе го сопре бидејќи сега е второто братење на пченицата, нема да пушти, и штом нема, во таква ситуација приносот секогаш се намалува. Подземните води се најштетни за посевите. Го расипуваат коренот-вели пелагонискиот земјоделец Трајан Ѓоргиевски.

Трајан Ѓорѓиевски-земјоделец Фото: Васка М. Младеновска/Слободен печат

На пелагониските земјоделци дополнителен проблем им претставува тоа што ќе се пролонгира втората прихрана на есенските култури и голема е веројатноста да пламнат болестите.

-Таа вода ќе застои и таа уништува се. После тоа се појавуваат коровите, причинители на болести. Станува збор за ’рѓа, жолта ’рѓа итн.-вели земјоделецот Ѓоргиевски.

Според пелагониските земјоделци доколку и во наредните денови продолжат врнежите од дожд, уште повеќе ќе се искомплицира состојбата, но, и вака првичните проценки се дека просечните приноси би биле пониски за 20 проценти.

Ако се знае дека есеноска Пелагонија беше насеана само со 70 проценти, се отвора прашањето за колку ќе се зголемат потребите од увоз на лебно зрно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот