По излевањето на Крива Река, отсечено село Т’лминци, однесени пешачки мостови и поплавени домови во Крива Паланка

Фото: Фејсбук

Крива Река и Киселичка Река вечерва се излеаја и предизвика големи штети, однесени се пешачки мостови, поплавени се домови на граѓаните, а селото Т’лминци со над дваесетина жители е отсечено.

Службите информираат дека со пумпи се врши испумпување вода во неколку куќи кај местото викано Тополки кај населбата Мизовски Ливади, а кај градскиот базен постои опасност од излевање на реката. Водите на Крива Река однесоа повеќе пешачки мостови кај Пашина Воденица и т.н. Карчов Мост, спроти градскиот пазар.

Сите служби се мобилизирани, механизација е на терен, а според информациите од Општинскиот кризен штаб, водостојот на реката се намалува, но сѐ што е потребно се работи на терен и формирани се тимови од општината кои се распоредени итно на сите критични локации.

Сите настанати штети, но и состојби од терен со излевање или појава на свлечишта да се пријават кај лицето за контакт од Општина Крива Паланка, Даниела Велковска, на тел. 075 229 000.

Информирани се надлежните институции, Центар за управување со кризи и на терен вечерва се очекува да пристигне директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Невреме со пороен дожд и силен ветер што попладнево го зафати Куманово и Кумановско, предизвика поплавување на улиците во централното кумановско градско подрачје, бидејќи шахтите не ја апсорбираа големата количина на вода, а силниот ветер откорна и неколку дрвја.

„Екипите на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ интервенираа на повеќе локации, ги чистат јавно прометните површини и ги санираат последиците“, информираше градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.

Во текот на денот ЦУК испрати известување според податоците од УХМР, дека на хидролошката станица на Крива Река во Крива Паланка е забележан висок водостој.

„Предупредуваме за можност од излевање во сливот на Крива Река заедно со нејзините помали притоки пред влив во Пчиња. Излевањето може да зафати делови од атарите на населените места, како што се Конопница, Псача, Опила и подолу Клечовце и Стрезовци пред вливот во Пчиња“, стоеше во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот