По ѓаволите… и морските длабочини!

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Јонско Море е многу покротко и поплитко. А, ете, и тоа, не толку одамна, проголта стотици животи. Патниците во рибарскиот брод не биле авантуристи, туку луѓе што дале по 4.500 евра за да ги однесат преку седум мориња до брег што не е толку суров како оној на кој се родиле. Тие веќе дале сѐ што имаат, само за да добијат нова шанса за пристоен живот

Сурови се океанот и морските длабочини. Во таа негостољубива средина, во која не допираат сончевите зраци, таму каде што студениот мрак притиска како во експрес лонец, владеат некои сосема други закони.

За петтемина стуткани во тесната комора на „Титан“ научивме сѐ во изминатите пет дена – и кои се и какво им било минатото, кои им биле трофеите и соништата. Заколнати истражувачи со нескротлив дух, сите од првиот до последниот, можеби дури и младиот Пакистанец што ја наследил зовриената крв од својот татко. Троен Гинисов рекордер што се нурнал во најдлабоката бездна, летнал во вселената, а на Антарктикот патувал како да оди на излет, и тоа заедно со Баз Олдрин. Француски морски волк што го стекнал прекарот Месје Титаник. А, со нив, човекот што ја основал компанијата за Титаник-туризам и креаторот на конзервата во која им згаснаа животите на дното на проклетиот океан.

За овие милионери, кои сето богатство го стекнале преку авантури и истражувања, воопшто не било битно дали билетот за осумчасовната тура до остатоците од „Титаник“ чинел 4.500 евра или 250.000 долари. Би дале сѐ што имаат, само за да се спуштат уште еднаш. И потоа уште еднаш. И уште еднаш…
Ја испуштија душата и ги оставија коските таму каде што им било срцето. Таму, некаде далеку и длабоко, во непростливите води на Атлантикот.
Јонско Море е многу покротко и поплитко. А, ете, и тоа, не толку одамна, проголта стотици животи. Патниците во рибарскиот брод не биле авантуристи, туку луѓе што дале по 4.500 евра за да ги однесат преку седум мориња до брег што не е толку суров како оној на кој се родиле. Тие веќе дале сѐ што имаат, само за да добијат нова шанса за пристоен живот.

На овие несреќници сопствената земја веќе им го одзела животот. Морето само го проголтало она што останало од него – надежта, која умира последна, нели.

Сурово е морето. Тоа не разликува прекуокеански брод од 270 метри што не може да потоне од мала „конзерва“ од шест метри или од рибарско бротче. Разликата ја прават луѓето.

На петтемина авантуристи им ги одбројуваа последните часови кислород. Кон нив тргнаа најопремените пловечки „швајцарски ножиња“ опремени со роботи, сензори, камери и рефлектори. Стигнаа предоцна, но не се откажуваат. Канада, Америка, Британија, испратија сѐ што можат. Образот им е чист.
Никој не требаше да испраќа ништо посебно до рибарски брод со кој египетските трговци со луѓе наплатија стотици илјади евра за да истоварат 750 патници на брегот на Италија. Кога заглави во Јонско Море, веднаш до него пловеше грчки брод, кој повеќепати понудил да ги спаси несреќниците. „Не!“, се спротивставиле трговците. „Ние пловиме кон Италија и немате право да нѐ запрете“.

Капетанот не се дрзнал да интервенира против нивната волја, стравувајќи дека наместо спасител може да биде масовен убиец. Ако интервенцијата за спасување, која би била нелегална, предизвика нереди, бротчето може да потоне. Така, судбината сакала морнарите од грчкиот брод да ги гледаат во лице мигрантите додека тонат. Спасиле едвај нешто повеќе од стотина. Гледале како се дават уште стотици, а не можат да им помогнат. Уште стотици немале никакви шанси – биле заклучени под палубата.
За авантуристите знаеме сè, а за мигрантите ниту колкумина биле. А, секој имал и име и историја, и страсти и соништа.
Судбина.

Сурово е морето и не простува. Проштевањето е човечка особина, нели?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот