Пленковиќ: Апелирам за уставните измени да најдете решенија својствени на вашата земја

Прес-конференција на премиерите Ковачевски и Пленковиќ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во врска со уставните измени во Македонија денеска апелираше да се најдат решенија кои ќе бидат својствени за земјава и порача дека сега е моментов нашата држава, штитејќи го националниот интерес, идентитет и јазик, да ја засили динамиката во евроинтеграциите.

– Тој момент е сега и треба да се искористи. Сега Северна Македонија може да го забрза процесот. Време е за повлекување на вистинските потези и стратешки одлуки – рече Пленковиќ на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.

Хрватскиот модел на устав го коментираше и Ковачевски, според кого, потребен ние е комнсензус за прашањето за нашето членство во ЕУ.

– Опозицијата бара хрватски модел, една друга партија спомена швајцарски модел, но нас ни треба модел кој ќе одговара на македонското општество и на нашите закони. Јас сум за тоа да донесеме уставни измени со кои ќе ги отвориме кластерите и ќе станеме земја членка на ЕУ до 2030 година со заштитен македонски јазик и со заштитена култура и идентитет – рече Ковачевски.

Тој, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека не е потребна лидерска средба за уставните измени, бидејќи средба во таков формат веќе имаше во декември лани.

– На таа средба сите лидери на политичките партии се сложија за потребата од носење уставни измени, освен еден кој молчеше и двајца кои не дојдоа. Затоа нема потреба од лидерска средба бидејќи ставовите се познати. Лидерска средба не е институционален формат за дебата за уставни измени. Таа дебата треба да е структурирана, а не да се води на телевизиски дебати или кога се пуштаат канализациски цевки – изјави Ковачевски.

На прашањето зошто не е прифатливо преземањето на хрватскиот модел на Устав, тој појасни дека не кажал што е прифатливо, што не е прифатливо, туку објаснил дека се работи за структуриран процес, дека треба да се седне и да се изработи предлог кој одговара на нашето општество.

Хрватскиот премиер Пленковиќ е во официјална посета на земјава, а денеска ќе биде приме од претседателот Стево Пендаровски по што ќе се обрати во македонскиот Парламент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот