Пластиката од депонијата кај Осиек сѐ уште гори, вработените ја бранат честа на „Драва“

Променливиот ветер го разгорува огнот - Фотографија Profimedia

Вработените во компанијата „Драва интернатионал“ кај Осиек, чија депонија за пластика пламна во вторникот вечер и сѐ уште гори, денеска протестираат пред фабриката, бранејќи ја од обвиненијата дека е одговорна за пожарот.

Неофицијални извори вклучени во внатрешната истрага на хрватската компанија за преработка на пластика тврдат дека била исечена жицата на северната ограда на депонијата, близу до местото не кое избувнал огнот, и изразуваат сомневање дека „сѐ ѝ е наместено“. Сопственикот на компанијата Звонко Беде, пак, изјави за телевизијата „РТЛ“ дека „не се меша во тие работи“ и дека не организирал никаква истрага.

По тридневни натчовечки напори десетици противпожарни екипи го скротија огнот, но депонијата сѐ уште гори и чади.

– Ветерот постојано ја менува насоката, поради што делови од градот близу фабриката се на удари на црн чад – објави репортерот на телевизијата „Нова“.

Пожарникарот што паднал во растопена пластика е во „стабилна состојба“ по хируршката операција, но ќе остане на интензивна нега заради понатамошни операции на тешките изгореници на 30 отсто од телото.

Постојано се следи квалитетот на воздухот, водата и почвата и информациите се проследуваат до локалните жители. Експертите предупредија добро да се мијат и да се лупат земјоделските производи од местата над кои бил чадот, а добитокот да не се носи на пасење.

Сто и триесетте работници од Непал, кои живеат во контејнерска населба во кругот на фабриката, се префрлени во спортска хала во Осиек.

– Во тоа време спиев. Се разбудив во 4 часот и видов голем пожар. Ние си ја сакаме работата и својата компанија, која ни даде сѐ. Кога ни требаше работа и плата ги добивме, секогаш на време. Многу сме загрижени за нашата компанија – изјавил за „Нова“ Акас Којала, печалбар од Непал.

И додека гори депонијата во Осјек, пожар избувна во подземните простории на болницата КБЦ во центарот на Загреб. Пожарот бил изгаснат за еден час и не била потребна евакуација на пациенти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот