
Пијанистката Дуња Иванова во КИЦ-Скопје ќе одржи солистички концерт со наслов „Кругови“
Во Културно-информативниот центар во Скопје на 8 октомври, во 20 часот, во „Салон 19:19“ солистички концерт со наслов „Кругови“ ќе одржи пијанистката Дуња Иванова. На концертот ќе бидат изведени дела од Дино Имери, Давор Јордановски и Ханија Рани.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Централен дел од програмата на концертот се четирите пиеси со истоимен наслов, чиј автор е пијанистот и композиторот Дино Имери. Иванова премиерно ќе ги изведе неговите: „Ни ваму ни таму“, „Валцерот на Миро“, „Мајка“ и „Дрво“.
Дино Имери е еден од најистакнатите современи македонски пијанисти и композитори чија кариера ги опфаќа настапите со најреномирани оркестри и фестивали во Европа и пошироко.
Неговото дело „Кругови“ е инспирирано од истоимениот роман на македонската современа авторка Тина Иванова, која напишала четиво со кое низ интимен и искрен раскажувачки тон ги отвора прашањата за повторувањата и пресвртот во животот, за круговите кои нѐ враќаат кон себеси, но и нѐ водат кон нови патеки на разбирање. На концертот Тина Иванова ќе прочита фрагменти од својот роман.
На програмата ќе бидат изведени и дела од македонскиот композитор и аранжер Давор Јордановски („Violet et noir“ и „Alma“), како и дела од современата полска композиторка Ханија Рани („Buka“, „Eden“ и „Silent Night“).
Давор Јордановски е македонско-канадски композитор и пијанист, кој е познат по својот креативен пристап кој спојува класични и современи музички јазици.
Ханија Рани е полска пијанистка и композиторка, чија музика ги спојува минимализмот, џезот и современата класика во интимен и искрен израз.
Концертот „Кругови“ обединува музика на тројца исклучителни автори кои со својот уникатен музички израз чинат неверојатна приказна. Влезот на концертот е слободен.