Пендиков: Не се чувствувам безбедно додека престојувам во Македонија, добивам закани на социјалните мрежи

Фото: МИА

Христијан Пендиков се чувствува загрозено додека престојува во Македонија. На денешното рочиште за медиумите тој изјави дека постојано добива закани на социјалните мрежи и оти пријавува во полиција. Прашан како престојува во Македонија ако добива закани, Пендиков одговори „Нормално, со надеж дека нема да ме убијат следен пат“.

Се чувствувам загрозено. Добивам закани на социјални мрежи – Месенџер, Инстаграм. На коментари си читаме закани кај што сакаат да нè убијат. Не се чувствувам добро. Пријавено е во полиција пред неколку месеци и сега пак неодамна. Редовно си пријавуваме. Пријавено е во ОБСЕ, секаде – изјави Пендиков, пренесува Макфакс.

Прашан дали ќе побара заштита од МВР, бидејќи во Бугарија веќе има обезбедување тој истакнал дека инцидентот се случил, но се надева дека нема да се повтори за никого.

Не е убаво никој да е тепан и омаловажуван поради национално чувство – додал Пендиков.

Неговиот адвокат не му дозволил да одговори дали се точни шпекулациите дека тој всушност бил претепан поради претходно нарушени односи, а не поради тоа што се чувствува како Бугарин.

Инаку денешното судење е одложено бидејќи обвинетиот Илија Спасески е отсутен поради здравствени проблеми. Адвокатот на Спасески побара да му се врати патнат исправа, која му е одземена поради бегство.

Илија е дома, болен е. Со поведувањето на кривичната постапка како мерки на претпазливост, а заради обезбедување присуство на обвинетиот пред државните органи, односно судот и Обвинителството, приложена е патна исправа со цел обвинетиот да не може да ја напушта територијата на Македонија. Со оглед на ваквата дијагноза и нарушената здравствена состојба, а бидејќи воопшто се доведува во прашање компетенцијата на нашите медицински установи за лекување пациенти, ќе предложам привремено да му се врати патната исправа на обвинетиот Спасески за да може да побара и изврши прегледи во странство – рече адвокатот.

Христијан Пендиков влезе во судница, адвокатот на обвинетиот излезе – судењето ќе продолжи на 12 јули

Пендиков беше секретар на сега згаснатиот бугарски клуб во Охрид, со контроверзно име „Цар Борис III“. Откако беше претепан, Пендиков беше префрлен со бугарски владин авион во Софија каде што беше лекуван, доби стан и полициска заштита.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот