Пендаровски ги прими акредитивните писма на новиот амбасадор на Луксембург, Марк Хубш

Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Марк Хубш, новоименуваниот амбасадор на Големото Војводство на Луксембург за Република Македонија, со седиште во Луксембург.

Претседателот Пендаровски во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма потенцираше дека во скоро тридецениската историја на дипломатски односи, со заеднички напори Големото Војводство на Луксембург и Република Македонија успеаја да изградат динамични политички односи и солидно ниво на меѓусебна соработка во повеќе области. Претседателот ги изрази интересот и подготвеноста за натамошно интензивирање и продлабочување на заедничката соработка во сите области од заемен интерес, пред сè, интензивирање на соработката на економски план. Посочувајќи дека Луксембург е земја основач на Европската Унија и еден од најгласните застапници на процесот на проширувањето, претседателот Пендаровски искажа особена благодарност што Луксембург секогаш застапува став на оптимизам во дискусиите на состаноците на Советот на ЕУ за досието на Македонија.

Амбасадорот на Луксембург, Марк Хубш во својот говор изрази убедување дека постои потенцијал за натамошно подобрување на билатералните односи, пред се во економијата. Тој посочи дека Луксембург, како најголем центар за инвестициски фондови во Европа и иновативен лидер во однос на зелените финансии, дефинитивно може да одигра важна улога во тој поглед. Амбасадорот Хубш ја реафирмираше недвосмислената поддршка на Луксембург за перспективата за членство во ЕУ на Западен Балкан и нагласи дека процесот на проширување е инвестиција во мир, безбедност, стабилност и просперитет. Тој порача дека членките аспиранти треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со природата на процесот на пристапување заснована на заслуги и со помош на ЕУ.

Претседателот Пендаровски на амбасадорот Хубш му посака успех во извршувањето на оваа исклучително значајна дипломатска мисија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот