Пендаровски ги прими акредитивните писма на новиот амбасадор на Бразил

Фото: Кабинет на претседателот

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Пауло Роберто Кампос Тарисе да Фонтура, новоименуваниот амбасадор на Бразил во Македонија, со седиште во Софија.

Пендаровски изрази убедување дека постои заедничка желба, како и голем потенцијал за развивање на меѓусебните односи и посочи дека отворањето на нашата амбасада во Бразилија јасно ја покажа искрената желба за унапредување на севкупната соработка со Бразил. Претседателот рече дека Македонија и Бразил ги споделуваат основните вредности, како почитување на владеењето на правото и човековите права, загриженост за климатските промени, посветеност кон демократијата, слободната трговија и пазарната економија и во тој контекст искажа задоволство од соработката во меѓународните организации. Претседателот Пендаровски упати честитки за бразилското претседавање со Г-20 и посака успех во реализирањето на приоритетите што ќе се разгледуваат во тие рамки, како што се борбата против гладот, сиромаштијата и нееднаквоста, трите димензии на одржливиот развој, реформата на системот на ОН и на меѓународните финансиски институции, како и ревитализацијата на Светската трговска организација.

 

Фото: Кабинет на претседателот

Бразилскиот амбасадор Пауло Роберто Кампос Тарисе да Фонтура вели дека Македонија е земја со која Бразил споделува заеднички вредности, особено вербата во дипломатијата и мирното решавање на недоразбирањата и почитувањето на владеењето на правото и посочи дека нашата земја му докажа на светот дека дипломатијата е најдобрата алатка за решавање на споровите и дека дијалогот и меѓусебното разбирање можат да доведат до посакуваниот просперитет, мир и човечки развој.

Бразилскиот амбасадор најави дека ќе биде посветен на стимулирање на туризмот и културните односи меѓу Бразил и Македонија, а дополнително ќе се истражуваат областите за соработка, како што се земјоделството, инвестициите, нормите и регулативите. Тој искажа намера дека ќе ги продолжи напорите за промовирање на поголем дел од меѓусебното знаење и разбирање надвор од програмите за размена на додипломски и постдипломски студии кои ги нудат бразилските универзитети во сите научни области.

Пендаровски на бразилскиот амбасадор му посака успех во извршувањето на одговорната мисија и изрази очекување дека неговото досегашно дипломатско искуство значајно ќе придонесе за збогатување на пријателските односи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот