Патишта од милијарда евра немаат дозвола за употреба, километар од Кичево-Охрид достигна цена од 10,5 милиони евра

Државната ревизија даде негативна оценка за финансиското работење на ЈП за државни патишта и утврди голем број на неправилности и неизвесноти во извештајот за работењето на претпријатието во 2022 година, каде директор е Ејуп Рустеми од ДУИ. Ова претпријатие не води исправна сметководствена евиденција, не постапува согласно со Законот за тргновски друштва и со Законот за јавните претпријатија, а е инвеститор на најголемиот инфраструктурен проект за патишта, коридирите 8 и 10 д што ги гради „Бехтел и Енка“, за што ќе потроши 1,3 милијарда евра. За овој договор ревизорите направиле посебна оценка која дополнително ќе биде објавена наскоро во ревизијата на успешност на капиталните инвестиции.

– Според наше мислење финансиските трансакции и информации рефлектирани во финансиските извештаи на Јавното претпријатие за државни патишта за 2022 година не се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики – се вели во заклучокот на ревизијата.

Километар автопат за 10,5 милиони евра

Најголем проект на претпријатието во моментот се уште е автопатот Кичево-Охрид, чиј изведбен проект се менувал дури 42 пати, затоа што не бил добар, а цената на еден километар од овој автопат достигна рекордни 10,5 милиони евра!

Ревизорите наведуваат дека изградбата на Кичево-Охрид се врши врз основа на закон од 2013 година, со кој е уреден и инвеститорот од Кина, со кој, пак, е склучен договор дека најдоцна до јануари 2018 година ќе се изгради делницата со должина 56,7 километри, во вредност од 411 милиони евра. Се гради врз основа на проект што две две домашни правни лица го работеле од 2002 до 2008 година, со одредени дополнувања до 2010 година. Изградбата е почната во 2014 година, а во ноември 2019 година е направено дополнително задолжување од 180 милиони евра, па вкупното задолжување за овој автопат 685 милиони евра.

– Со извршените анализи ги утврдивме следниве состојби: од мај 2018 година до декември 2021 година се донесени пет измени на основниот договор за изградба, при што биле склучени анекси со кои е пролонгиран е крајниот рок за завршување за шест години и е определено дека изградбата ќе заврши до декември 2023 година. Договорената цена на чинење на еден километар патна делница од 7,3 милиони евра била зголемена за 44 отсто и изнесува 10,5 милиони евра – констатираат ревизорите.

Ревизорите укажуваат дека проектот е менуван 42 пати затоа што бил недоследен со ситуацијата и реалните услови на теренот, се вршело препроектирање на постоечката документација за тунели, усеци, вијадукти, мостови, потпорни ѕидови, надпатници и подпатници, се изработувале нови проектни решенија за стабилизација и заштита на косините и за санација на свлечишта на целата траса, се правелепроекти за девет патни јазли и нови алтернативни патишта итн.

– Напоменуваме дека до денот на завршување на ревизијата на првата, втората и четвртата подделница се појавиле 11 нови свлечишта кои дополнително влијаат на потреба од нови варијации за надминување на состојбите, пролонгирање на рокот за завршување и исплата на додатни финансиски средства. Од спроведениот теренски увид, направените снимања со дрон и доставените извештаи од надзорниот орган, утврдивме дека најголем дел од делницата е трасирана, изградени се 25 вијадукти, при што различни делници се во различна фаза на изградба – велат ревозорите.

Освен недостатоците на проектот причини за доцнење на изградбата се и задоцнета експропријација поради нерешените имотно-правни односи, дополнителна експропријација заради потреба за ублажување на косините на усеците, дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти, како далекуводи, електро-преносни и комуникациски водови, водоводни и канализациони инсталации, како и индивидуални станбени и стопански објекти кои се совпаѓаат со трасата итн.

– Имајќи ја во предвид обемноста и значајноста на проектот за патната делница Кичево – Охрид, наведените состојби укажуваат на потреба од поаналитички пристап при планирањето на проектите, поголема подготвеност при започнување и реализација на делници со голема должина, системски пристап и навремено обезбедување на потребната документација за започнување и реализација на проектот – предупредуваат ревизорите.

Ревизорите нагласуваат и дека за отплата на обврските по заемот за автопатот е активирана државна гаранција поради неможноста на преторијатието да ги сервисира. Платило Министерството за финансии во име на држата, а ЈП за ова на Министерството му должи 76,8 милиони евра.

Автопати без употребна дозвола

Ревизорите наведуваат дека ЈП за држави патишта управува со патишта чија сегашна проценета вредност изнесува милијарда евра, кои не се евидентирани во катастар, а правата на сопственост не се запишани ниту за 423 наплатни станици. Причини за овие состојби е што Министерството за транспорт не му дало дозволи за употреба на претпријатието за овие објекти и редовно ги одбива барањата од претпријатието. Ревизорите утврдиле дека Министерството не дава употребни дозволи затоа што претпријатието им доставува некомплетна документација и документација со недостатоц, па не можат да ја псроведат постапката за запишување на државните патишта во јавната книга на недвижности.

Ревизорите нагласуваат дека автопатите, експресните, магистралните и регионалните патишта од прва и втора категорија кои се финансираат од ЕУ или друга меѓународна организација може да почнат да се користат без одобрение за употреба ако надзорниот орган изготвни позитивен извештај за привремена употреба на градбата, а инвеститорот е должен да обезбеди одобрение за употреба во рок од две години.

– Со ревизијата утврдивме дека за голем дел од патните делници не се обезбедени одобренија за употреба, иако е поминат рокот од две години од издавање на позитивен извештај за привремена употреба од страна на надзорот. Поради наведените состојби меѓудругото не е можно да се обезбеди потврда дека линиските инфраструктурни објекти се изграден во согласност со одобрението за градење и основниот проект, како и не е можно запишување на правото на сопственост, што влијае на намалување на квалитетот на финансиските извештаи и информациите кои ги даваат истите. Исто така, овие состојби не се во согласност со Законот за трговски друштва со кој е уредено дека податоците во трговските книги треба да се водат врз основа на веродостојни сметководствени документи – пишува во ревизорскиот извештај.

Ревизорите наведуваат и дека според Законот за јавните патишта Собранието има обврска на предлог од Владата да донесе Стратегијата за развој и одржување на државните патишта за најмалку десет години. Крајниот рок за донесување на првичната стратегија бил јули 2009 година, но таа никогаш не била донесена, а последната петгодишна програма за работа за извршување на работите од јавен интерес е за периодот од 2013 до 2017 година.

– Во отсуство на Стратегија и петгодишна програма, ЈП за државни патишта приоритетите за изградба и реконструкција на државни патишта ги определува во својата Годишна програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државни патишта. Недостатокот на стратешки и програмски документи не овозможува долгорочно управување со развојот и одржувањето на јавните патишта, како и соодветно планирање на изградбата, реконструкцијата, рехабилитацијата, одржувањето, заштита на државните патишта од страна на ЈП за државни патишта и навремено обезбедување на финансиски средства. Истовремено, нивното отсуството не овозможува оцена на влијание врз безбедноста на сообраќајот на патиштата, како една од задолжителните анализи кои што се спроведуваат за да се утврдат приоритетите во изградба и одржување на јавните патишта, можните трошоци и придобивките, како и при донесувањето на одлуките за изградба на нови или реконструкција на постојните јавни патишта – констатира ревизијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот