
Овој тивок симптом на висок шеќер во крвта никогаш не треба да се игнорира, велат ендокринолозите
Зголемениот шеќер во крвта често останува незабележан сè додека не се појават поизразени симптоми. Проблемот е што раните знаци лесно може да се пропуштат, бидејќи многу луѓе не ги забележуваат симптомите сè додека нивоата на гликоза не станат значително зголемени. Ова може да доведе до сериозни компликации ако не се препознае и не се лекува навреме.
Препорачано
Ендокринолозите истакнуваат дека постои еден симптом што не смееме да го игнорираме – прекумерната жед. Високиот шеќер во крвта ги тера бубрезите да работат понапорно за да се ослободат од вишокот гликоза, предизвикувајќи зачестено мокрење и дехидратација.
Кога ќе настапи дехидратација, се појавува жед.
„Всушност, тоа е еден од најчестите рани знаци што ги гледаме кога шеќерот во крвта е превисок“, вели ендокринологот д-р Самар Синг за „Парада“ (Parade).
Д-р Јун Кук предупредува: „Ова често води во маѓепсан круг на пиење засладени пијалаци како сокови или газирани пијалаци, дополнително влошувајќи го нивото на шеќер и дехидратацијата.“
Експертите предупредуваат дека на овој симптом мора да се реагира, особено ако е придружен со зачестено мокрење.
„Едноставен тест на крвта може да открие зголемени нивоа на гликоза и да помогне во раното откривање на дијабетесот или предијабетесот – кога болеста е најлесна за контрола“, вели д-р Синг.
Тој додава и дека, за луѓето што веќе живеат со дијабетес, прекумерната жед може да значи дека шеќерот е превисок, па затоа е важно да се проверат нивоата на гликоза, лековите или инсулинот и да се обратите кај лекар.
Заедно со жедта, раните симптоми на висок шеќер во крвта вклучуваат зачестено мокрење, зголемен глад, главоболки и заматен вид. Ако состојбата продолжи, може да се појави замор, побавно заздравување на раните и губење на тежината. Ако не се лекува, хипергликемијата може да доведе до сериозни компликации како што се дијабетична кетоацидоза, срцев и мозочен удар, болести на бубрезите или губење на видот.
Добрата вест е дека промените во животниот стил – здрава исхрана, вежбање, намалување на алкохолот и откажување од пушење – можат значително да го намалат ризикот.
„Дури и малите промени како што се прошетка по оброк или намалување на внесот на засладени пијалаци можат да имаат големо влијание врз контролата на шеќерот и целокупното метаболичко здравје“, заклучил д-р Синг.