“Отворен Балкан” не е замена за ЕУ: Заев, Вучиќ и Рама пред состанокот во Тирана ги повикаа соседите да се приклучат
Неспоредно пред одржувањето на состанокот во Тирана на иницијативата „Отворен Балкан”, лидерите на трите земји кои се дел од неа, Северна Македонија, Албанија и Србија излегоа со повик до соседните земји од регионот да се приклучат кон иницијативата, но и напоменаа дека таа не претставува замена за членството во Европската Унија, туку чекор кон неа.
Премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера излегоа со отворено писмо пред Самитот, закажан за 20 и 21 декември, во кое напоменаа дека оваа иницијатива досега ги вклучува само Србија, Албанија и Северна Македонија, но таа е отворена за сите членки на Западен Балкан.
-Ја користиме оваа прилика уште еднаш да ги поканиме сите наши соседи да се придружат и да им ги понудат на своите граѓани поволностите што ние им ги нудиме на нашите. Преку слободата на движење на луѓе, стоки, капитал и услуги, нашата соработка може да ја поттикне трговијата и растот и да го олесни животот на секој поединец во нашето соседство, се наведува во писмото потпишано од Заев, Вучиќ и Рама.
Тројцата лидери нагласуваат дека граѓаните на Западен Балкан, како составен дел од Европа се предолго изоставени од неа, а желбата на нивните народи да бидат прифатени од членките на ЕУ повеќе пати биле попречувани од внатрешните политики на земјите-членки, неисполнување на дадените ветувања и стравот од иднината.
Нагласуваат дека наместо да се жалат одлучиле да преземат конкретни чекори и во ноември 2019 година го потпишале прелиминарниот договор за стимулирање на таканаречениот Берлински процес, а нивната визија е да се надминат социјалните, економските и трговските бариери кои го забавуваат економскиот раст во целиот регион, со имплементација на четирите европски слободи во нашите земји.
Во писмото, Заев, Вучиќ и Рама потенцираат дека „Отворен Балкан” не е утешна награда наместо членство во ЕУ, туку, напротив, голем чекор кон тоа.
На Самитот, ќе учествува Заев, кој следната недела, според најавите треба да се повлече од премиерската функција, по оставката што ја понуди по локалните избори. Тој ќе ја предводи владината делегација на состанокот во Тирана, на кој се предвидени повеќе точки, меѓу кои потпишување на трипартитни и билатерални договори, регионален форум за земјоделие и повеќе билатерални состаноци по кои ќе следува прес-конференција на тројцата лидери.
Владата пред состанокот на 128 седница донесе повеќе одлуки и заклучоци кои се однесуваат на договорите и меморандумите што треба да бидат потпишани во Тирана, а се однесуваат на остварување на можноста за пристап до пазарот на труд во Северна Македонија, Албанија и Србија, како и на соработката на царинските и фитосанитарните управи на овие земји.
– Добронамерни иницијативи се разбира може да бидат само дел, не може да бидат супституција на Берлинскиот процес кој продуцираше одлични резултати досега и кој трае веќе 7-8 години со тенденции да се проширува и обогатува со нови содржини, рече Пендаровски.
Заев изрази изненадување од ставот на Пендаровски, велејќи дека е неразбирливо зошто некој би бил против пријателство со соседите, против зближување на младите и народите од Западен Балкан и против полесна и побрза економска размена меѓу земјите од регионот.
Според Заев, особено е неразбирливо кога „ваквата негативна реакција доаѓа од првиот човек во државата кој би требало да биде и прв во заштитата на интересите на граѓаните”.
– Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа пред сѐ економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот, истакна Заев за ТВ 21.