Отисокот од прст треба да ги истисне манипулациите

Фото: Screenshot/YouTube

Терминалите за отпечаток на прст ќе го зголемат кредибилитетот на изборите, а ќе оневозможат семејно гласање и гласање за друг – вели поранешниот член на ДИК Субхи Јакупи за „Слободен печат“.

Кон крајот на оваа недела се очекува да пристигнат првите уреди за биометриска идентификација на гласачите, а денеска, понеделник, треба да пристигнат инженери од Германија, кои ќе вршат обуки за инсталирање и користење на терминалите – информираше Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК). 

Првите двесте терминали од добавувачот, германската фирма „Дермалог“, минатата среда беа испратени од Германија и се очекува деновиве да ги поминат сите царински формалности. Откако ДИК ќе го донесе упатството за употреба и за управување со апаратите, ќе започне едукацијата на членовите на избирачките одбори. ДИК уверува дека сè ќе биде подготвено според планот за локалните избори закажани за 17 октомври, до кога треба да пристигнат вкупно 4.000 терминали.

Апаратите, појасни Даштевски, се специфични. Гасањето ќе се врши така што првично се става исправата за лична идентификација (лична карта или пасош) по што на екранот излегуваат личните податоци за лицето. Со ставањето прст, апаратот покажува дали лицето веќе има гласано. Ако веќе гласало ќе свети црвено светло, а доколку не – зелено. Во случај кога лицето не е на вистинското избирачко место, на апаратот ќе се покаже жолто светло и информација на кое избирачко место треба да се упати гласачот. Апаратот ќе има и звучни сигнали.

Со терминалите за отпечаток на прст ќе се намали шансата за изборни измами, смета поранешниот член на ДИК Субхи Јакупи.

– Терминалите за отпечаток на прст ќе го зголемат кредибилитетот на изборите, а ќе оневозможат семејно гласање и гласање за друг. Верувам дека изборните совети ќе бидат подготвени да ја стават законската применливост на апаратот, бидејќи ќе се користи за прв пат. Во овој процес на изборните органи треба да им помогнат и сите релевантни актери што учествуваат на изборите: политичките партии, самите гласачи, изборните тела, државните органи, обвинителството, судството, медиумите, како и домашните и меѓународните невладини организации – вели Јакупи за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот