
Осуденик без една нога го сместиле на третиот кат во штипскиот затвор – секој ден маки мачел со скалите
Осуденик со инвалидитет долго време се качувал со една нога до третиот кат во затворот во Штип. По интервенција на Народниот правобранител, тој конечно добил соодветно сместување и медицинска помош.
Затвореник со инвалидитет, на возраст од околу 70 години, со ампутирана десна нога, подолг период бил приморан секојдневно да се качува и да се симнува по скали до третиот кат во Казнено-поправната установа (КПУ) во Штип, каде што бил сместено. Човекот се пожалил кај Народниот правобранител, посочувајќи дека ваквото сместување е несоодветно и му предизвикува сериозни тешкотии при движењето, објави СДК.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
По неговата жалба, Народниот правобранител итно реагирал кај управата на установата, нагласувајќи дека случајот претставува повреда на правото на соодветно сместување. Надлежните веднаш постапиле и затвореникот бил преместен во просторија на приземје.
Но, при следната посета на КПУ Штип, истото лице повторно се пожалило – овојпат дека иако е на приземје, му било доделено легло на горното ниво од двоспратен кревет. По ново укажување на Омбудсманот, ситуацијата повторно била исправена и му било овозможено легло на долното ниво, прилагодено на неговата состојба.
Во меѓувреме, осуденикот се пожалил и на здравствени проблеми, бидејќи не бил примен во Штипската клиничка болница, иако имал потреба од повторна хируршка интервенција поради компликации по ампутацијата.
Како што наведуваат од канцеларијата на Народниот правобранител, ортопедот во болницата го упатил на лекување во Кочани, каде што му била направена првата интервенција. Сепак, по нова интервенција од страна на КПД Штип, проблемот бил решен – лицето било примено и оперирано во Клиничката болница во Штип.
„Правото на здравствена заштита на подносителот е остварено, извршен е хируршки зафат и состојбата му е стабилна“, информираат од Народниот правобранител.
Оттаму додаваат дека по успешната операција, во тек е процедура за набавка на протеза, со цел осуденото лице полесно да се движи во затворот.