Османи за уставните измени: Со објавата на амандманите ќе заврши дебатата на духови

Инсистирам да заврши дебатата врз основа на непостојни формулации, врз основа на конспирации, стравови, наметнати пропагандни лажни вести од разни центри што имаат за цел да ги исплашат граѓаните и да ги поларизираат. Треба да ја разголиме конструираната пропаганда околу уставните измени и граѓаните ќе видат дека нема ништо контроверзно во тој процес, вели Османи.

Најсуштински дел од дебатата за уставните измени е да се изложи вистината пред граѓаните, со што ќе се урнат сите кули од пропагандни карти, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи на онлајн брифингот со медиумите што го водеше од Њујорк.

Османи за медиумите кажа дека нема отстапување од она што е зацртано во преговарачката рамка, што значи со донесување на уставните измени да почне отворањето на првото поглавје во преговорите со ЕУ.

Тој информираше дека комисијата работи на формулирање на амандманите со оценка дека тоа ќе биде лесно бидејќи веќе се дефинирани во протоколот.

Конкретните формулации на амандманите, според него, ќе бидат објавени наскоро, по што треба да почне јавната дебата.

– Инсистирам да заврши дебатата на духови, врз основа на непостојни формулации, врз основа на конспирации, стравови, наметнати пропагандни лажни вести од разни центри што имаат за цел да ги исплашат граѓаните и да ги поларизираат. Треба да ја разголиме конструираната пропаганда околу уставните измени и граѓаните ќе видат дека нема ништо контроверзно во тој процес. Мислам дека тоа ќе биде пресвртниот момент во целиот јавен дискурс, што потоа ќе наметне нова динамика и во политиката, и кај пратениците и кај политичките партии – рече Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање дали се разговара со пратениците од опозицијата за усвојување на уставните измени, тој рече дека пратениците се постојано заедно во Собранието и постојано дебатираат за и против уставните измени, но формалната дебата ќе почне по објавувањето на амандманите.

– Ако треба и индивидуално ќе се разговара со пратениците и со политичките партии за да кажат што мислат за уставните измени – изјави Османи.

Сепак, тој не одговори на прашањето на „Слободен печат“ како се замислени тие индивидуални разговори со секој пратеник и кој ќе ги води, туку само повтори дека ќе разговара секој со секого, а во јавната дебата ќе се вклучат и медиумите и граѓанскиот сектор.

– Јас очекувам во медиумите, во Собранието, во Владата, од цивилното општество дека ќе организира настани на коишто ќе се дебатира „за“ и „против“ тие амандмани, во таа општа дебата секој да зборува со секого и не гледам ништо спорно во тоа и пратениците да бидат дел од таа дебата да ги кажат своите ставови. Сепак, пратениците не треба да бидат со напишани говори од партијата, секој си има свој став, ако е против треба да каже зошто е, што мисли дека е алтернатива. Јас очекувам таква дебата и таа ни е многу важна во која сите во општеството ќе се вклучиме за да ги кажеме ставовите и на крај ќе ги сумираме впечатоците – објаснува министерот.

Тој потврди и дека засега за внесување во Уставот се планирани Бугарите, Хрватите и Црногорците, и тоа онаму каде што се и другите „делови од народи“ и во уставниот закон.

Османи исто така оцени дека скринингот со Европската комисија се одвива на задоволително ниво и дека нема отстапување од тоа што е зацртано во преговарачката рамка, односно со комплетирањето на уставните измени да се почне отворањето на првото поглавје. Неделава, како што кажа, имал сериозни разговори во Брисел од техничко ниво по однос на тоа кои се следните чекори, внатрешните динамики на нашите обврски во однос на процесот.

– Сценариото е утврдено согласно преговарачката рамка, меѓутоа ѓаволот е во деталите. Сакам да се имаат предвид размислувањата на сите земји членки, на Бугарија, на динамиката на уставните измени за да ги имаме сите можни комбинаторики предвид. Нема отстапување од тоа што е зацртано во преговарачката рамка, односно со комплетирање на уставните измени да се почне отворањето на првото поглавје – рече министерот Османи.

Притоа тој додаде дека од експертски и од технички аспект, скринингот оди на задоволително ниво, дека нашите луѓе се на висина на задачата, дека се задоволни и европските претставници по однос на тоа што е направено и се чекаат извештаите од првите поглавја каде што е завршен билатералниот скрининг, да почнат да се работат, за да можеме потоа да бидеме спремни за отворање на поглавјето.

Тој во моментов е во Њујорк каде што треба да се обрати пред Советот за безбедност на ОН и да ги презентира приоритетите на нашето претседавање со ОБСЕ. Како што рече, брифингот е онлајн поради физичката неможност да биде постојано во Скопје и агендата на МНР која е „во невидени размери“ поради обврските со претседавањето со ОБСЕ, со А5 Јадранската повелба и со процесот за соработка со ЈИЕ кое почнува од јуни. Тој на прашање од новинарите рече дека паралелно ги води и двете траектории – ЕУ и ОБСЕ.

– На ниту еден начин ангажманот со ОБСЕ нема да го намали ангажманот по однос на домашните процеси, туку напротив ќе обезбеди една платформа за состаноци и со луѓе коишто не би можеле да ги сретнеме доколку ја немавме платформата ОБСЕ. Така што, ОБСЕ е само додадена вредност за да можеме да ги водиме и разговорите коишто се однесуваат на внатрешните динамики – рече Османи и го најави првиот јубилеј – пет години од Преспанскиот договор, кој ќе биде одбележан со нов Преспа форум на дијалог на 15 и 16 јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот