Османи на Твитер се пофали дека се сретнала со градоначалниците на „албанските општини“ во С. Македонија

Фото: Твитер

Косовската претседателка Вјоса Османи, која деновиве беше во посета на Македонија, во објава на Твитер напиша дека се сретнала со градоначалниците на албанските општини“ во С. Македонија. Османи фотографијата од средбата одржана завчера, ја објави денеска, откако во македонската јавност веќе имаше бурни реакции околу нејзиниот пречек во Тетово, со билборд со добредојде и објави исклучиво на албански јазик на официјалните страници на Општина Тетово и на градоначалникот Биљал Касами.

„Додека бев во Тетово, се сретнав со градоначалниците на албанските општини во С. Македонија. Дискутиравме за потребата да се продолжи зајакнувањето на Албанците во земјата преку зголемени инвестиции во нивните општини, соработка со Косово и нивната суштинска улога во иднината на С. Македонија“, пишува Османи во денешната објава на Твитер.

Пречекот на Османи од страна на Касами во Тетово ги спротивстави ВМРО-ДПМНЕ и Беса, кои во Советот на Општина Тетово имаат заедничко тесно мнозинство.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија градоначалникот дека го прекршил Уставот со непочитување на македонскиот јазик на билбордите со кои ја пречека Османи.

-Не треба да се заборави дека Тетово е град во Македонија, во која живеат Македонци и други етникуми и не треба да се заборави фактот дека како на цела територија така и во Тетово официјален јазик е македонскиот. Почитуван градоначаник, Македонците во Тетово бараат достојно спроведување на Рамковниот договор. Тие гласаа за вас и ви ја додоа довербата на локалните избори со чија помош победивте, Македонците се надеваат дека ќе бидете градоначалник на сите граѓани – изјави Ангел Карапетров, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Тетово.

Првиот човек на Советот, Бесар Дурмиши, пак, реакцијата на ВМРО ја оцени како „низок удар за дневна политика“.

„Од почит кон неа (Османи), таа е пречекана со билборди на кои ѝ посакавме добредојде на албански јазик, оти е Албанка. Да дојде некој од Германија, ќе му посакаме добредојде на германски јазик“, рече Дурмиши, додавајќи дека општината не само декларативно, туку и во пракса „многупати докажала почит кон сите етникуми кои живеат во Тетово“.

Младите од ВМРО-ДПМНЕ од Тетово пред еден ден на влезот од градот поставија натписи „Тетово е срцето на Македонија“, во знак на протест против билбордите само на албански јазик.

Добредојде за Османи само на албански јазик, посетата на претседателката ги испразни контејнерите и го растовари сообраќајот во Тетово

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот