Османи ќе предложи Законот за здруженијата да се испрати во Венециската комисија

Бујар Османи / Фото: Скриншот, Фејсбук

Културно-информативните центри во Скопје и во Софија се начините за размена на културни и други информации меѓу двете страни. Сепак, граѓаните имаат право да се здружуваат, но во духот на пријателството. Законот за здруженијата што беше донесен во македонското Собрание има за цел да се спречи саботажата на заедниците од страна на други чинители, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес-конференција со бугарскиот колега Николај Милков во Софија.

На новинарско прашање околу забелешките за законот Османи кажа дека тој ќе предложи Владата да го испрати Законот за здруженија во Венециската комисија за мислење. Но, Османи не одговори конкретно на прашањето дали ќе има официјален македонски клуб во Благоевград, туку говореше дека треба институциите, односно Министерствата за надворешни работи да ја водат соработката и билатералните односи.

Во врска со реакциите во земјава дека Бугарија ни го оспорува јазикот, националноста Османи одговори дека едно од најосновните чувства е дека некој го предизвикува вашиот јазик и посебност.

-Ќе се согласите дека доаѓаат такви пораки од различни чинители од Бугарија, вклучувајќи и територијални претензии на кои реагираме. Ако го тргнеме настрана таквото однесување и Македонците да почуваствуваат пријателство и топлина ќе се отвори целиот можен простор за соработка, рече Османи.

Според него, злоупотребата на позитивните примери во меѓусебната соработка и манипулацијата со чувствата на граѓаните не е во интерс ни на Северна Македонија ни на Бугарија.

-Да не дозволиме други да ни ја водат надворешната политика и други да ни ги кројат меѓусебните односи, порача Османи.

Во однос на меѓусебната соработка тој најави дека следниот месец ќе се одржи заеднички бизнис форум во Скопје и информираше дека годинава за осум месеци трговската размена меѓу двете земји достигнала над 710 милиони евра и се очекува до крајот на годината да биде околи една милијарда евра што е за 52 отсто зголемување споредено со минатата година.

Османи исто така како добар пример ја спомена и прекуграничната соработка која опфаќа 164 проекти вредни над 38 милиони евра, вклучувајќи го и најавеното отворање на граничниот премин Клепало-Струмјани чија вредност е 9 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот