Османи: Бугарија бараше да се потпише дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот

Бујар Османи министер за надворешни работи / Фото: Слободен Печат - Драган Митрески

Министерoт за надворешни работи, Бујар Османи, изјави дека лани во декември неговата колешка од бугарското МНР, Екатерина Захариева, му дала предлог-договор за решавање на спорот меѓу двете земји.

Како што рече Османи “два члена од тој договор биле спорни за нас, а со кој се барало да потпишеме дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот, а нацијата произлегла од обидот за ослободување од отоманската империја“.

Тој воедно на денешниот брифинг истакна дека Македонија заслужила да започне преговори во Европската Унија.

„Мислам дека сме заслужиле да почнеме преговори, бараме нешто што е наше и заслужено и сметам дека не треба да оставиме простор за да полека ова прашање влезе во замрзнат конфликт“, порача Османи.

Тој подвлече дека наметнувањето на историјата како критериум за членство во ЕУ беше нерационален пристап и е нерационален пристап којшто не го прифаќа ЕУ сама по себе.

Меѓутоа, Северна Македонија е позната и препозната во светот по однос на правата што ги имаат граѓаните и индивидуалните и колективните и доколку зборуваме за правото на некој граѓанин да има свој погледи кон историјата, слобода за манифестирање на своите културни и идентитетски атрибути се разбира дека државата како и за секој граѓанин тоа ќе го обезбедува на сите. Меѓутоа, пристапот наметнување историја како критериум, договор за една апсолутна историска вистина од пред 100 години, од пред 70 години мислам дека не е патот којшто две европски држави и две држави коишто се членки на НАТО тоа треба да го имаат како една единствена перспектива за соработка, рече Османи.

Инаку, Османи на брифингот со новинарите информира дека поранешната шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева во декември минатата година дала предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија, но два члена од тој договор биле спорни за Северна Македонија, бидејќи се барало да се потпише дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот, а нацијата произлегла од обидот за ослободување од Отоманската Империја.

Шефот на дипломатијата, исто така, додаде дека засега нема идеја за потпишување нов договор со Бугарија.

Како што истакна Османи на годишниот брифинг со новинарите, во сила се уште е предлогот на португалското претседателство и тој предлог формално не е отфрлен од Бугарија и оти за нас тоа е единственото нешто што можеме да го прифатиме.

Според него, консолидирањето на бугарското малцинство повеќе е излезно решение, отколку наметнување ирационална вистина. Тој посочи дека до членството на Северна Македонија во ЕУ подготвени сме да ја внесеме бугарската и хрватската заедница во Уставот, посочувајќи оти прашањето за почитување на човековите права е наша најголема сила.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот