Осакатени со ботокс бараат спас на Пластична хирургија!

unsplash
Ботокс, Фото: Илустрација

Месечно по неколку жени, нагрдени и со загрозено здравје, како последица од нестручно и во несоодветни услови инјектиран ботокс, бараат лекарска помош на Клиниката за дерматологија – потврди за „Слободен печат“ дерматовенерологот д-р Дејан Филиповиќ.

– Многу често се случува на Клиниката да дојде пациентка и да бара спас по непрофесионално изведена естетска метода. Некогаш, поретко, се случува и самите што го изведувале ботоксот да побараат помош за да ја поправиме работата што тие ја згрешиле. Ние, секако, им помагаме на овие пациентки со цел да им го сочуваме здравјето, но естетските последици остануваат да сведочат за лошата услуга која ја добиле – објаснува д-р Филиповиќ.

Tој нагласува дека поради лошо изведен ботокс може да се парализира мускул, а пациентката да изгледа како да преживеала мозочен удар. Во краен случај може да дојде до појава на некроза, сепса и смрт.

Дека е голема опасноста од нестручно изведување на ботокс потврдува и доктор дерматолог Анџелка Илиева од „Жан Митрев Клиник“.

– Опасностите не се само естетски туку, за жал, често се сериозен здравствен проблем, започнувајќи од бактериски инфекции и компликации до затнување на крвни садови и со тоа некроза – изумирање на ткивото, нагрдување и лузни за цел живот, слепило и ред други нереверзибилни сериозни последици – објаснува д-р Илиева.

Двајцата специјалисти со кои разговаравме нагласуваат дека Законот предвидува естетски зафати да смее да изведува исклучиво доктор специјалист со доедукации од областа на естетската медицина, а овие услуги се медицински и смеат да се вршат само во регистрирани медицински установи – ординации, болници, клиники – соодветно опремени и подготвени со потребни помагала, во стерилни услови, со антишок терапија и друго.

– Козметичките салони се места за депилација, нега на нокти и кожа преку масажи или нанесување препарати на површината на кожата, но не се опремени за медицински зафати – вели д-р Илиева.

Д-р Филиповиќ, кој е и член во Здружението по естетска медицина, смета дека доволен показател дека законот не се почитува е фактот што секојдневно на Клиниката доаѓаат пациентки што веќе биле на некој начин прелажани од козметичките студија.

– Законски во козметички салон не смее да се инјектира ботокс, но показател дека тоа не се почитува се сите досегашни пациентки, кои исплашени доаѓаат на Клиниката и од нас бараат помош. Ако јас се прашувам, единствено дерматовенеролог и пластичен хирург може да ги извршуваа овие зафати, но законот дозволува да можат со тоа да се занимаваат и стоматолози и општи лекари – додава д-р Филиповиќ.

Според него, мора да се зголеми јавната свест за опасностите од нестручно аплициран ботокс.

Козметичките салони добиваат „сертификати“ за инјектирање ботокс и пополнување усни, од наводно лиценцирани фирми, најчесто од Србија. За „сертификатот“ се плаќаат 500 евра, а обуката трае еден ден! Цените на услугите што им се нудат на клиентите почнуваат од 200 евра.

Од Министерството за здравство, каде што побаравме одговор, велат дека тоа не е во нивна надлежност, но не посочија кој издава согласности и сертификати за овој вид услуги. Државниот санитарен и здравствен инспекторат исто така се огради и ни одговори дека нема ингеренции да ги контролира обуките, ниту пак медицинско-козметичките услуги што се даваат во козметичките салони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот