Општините планираат, но ретко плаќаат за ДУП: Интересот на финансиерите поважен од интересот на граѓаните

Фото: МИА

Општините треба според предвидената програма за урбанистички планови да обезбедат средства во Буџетот, затоа што ако немаат обезбедено пари, не можат да финансираат изработка на ДУП, па тоа во 90 отсто случаи го прават други заинтересирани граѓани или фирми.

Деталните урбанистички планови со кои се уредува просторот на одредена градска четврт, што таму ќе се гради или доградува, ќе има ли јавни институции, зеленило, улици, паркиралишта и слично, постојано се во центарот на вниманието на граѓаните, особено на оние што живеат во тој плански опфат и се лично засегнати од вцртаното во планот.

Но, она на што граѓаните реагираат е фактот дека речиси сите предложени и донесени планови се на иницијатива и финансирани од приватни фирми, а не од општините и дека тоа во последните децении станува правило, а не исклучок.

Граѓанските организации и групи што се залагаат за подобро урбанистичко планирање, честопати посочуваат дека токму фактот што приватни лица ги финансираат плановите доведува до тоа во нив да се протежираат желбите на поединци и на инвеститорите, наместо на сите граѓани опфатени со планот. Затоа што, како што велат, сосема е јасно дека никој во денешно време не дава сопствени пари ако од тоа нема никаков интерес.

Архитектот Мирослав Грчев објаснува дека во законот и во системот е јасно прецизирано дека единицата на локалната самоуправа е донесувач на планот и дека е задолжена и надлежна да го води целиот процес и да одлучува во сите фази.

На времето се знаеше дека од Буџет се прават плановите. И денес е така, во меѓувреме го задржавме тоа како системско решение. И во законот од 2005 година и во овој сега од 2020 пишува дека плановите се работат според програмата за планови којшто ја донесува Советот и се финансира од Буџетот на општината, а некои можат и од Буџетот на Републиката. Во меѓувреме, имаше притисоци да се обезбеди можност да се изготвуваат планови и во општините што немаат пари – вели Грчев.

Тој посочува дека со осамостојувањето на државата општините беа развластени, дека им се одземени парите, средствата.

 И тоа беше ужасна централизација, потоа се прават т.н. децентрализации по блокови, меѓутоа до ден-денес не е направена фискална децентрализација. Ако доволно долго време ја оставате општината без надлежности и без пари, таму веќе прекинува да има луѓе што мислат, што знаат, што умеат да го прават тоа што треба да го прават како општинари. Кога ги укинаа парите, општините престанаа да прават урбанистички планови. И сега има притисок и притиснаа решение да се дозволи луѓе да финансираат. Таа мала „пукнатина“ луѓе да финансираат во еден момент стана предоминантен извор на дотирање и финансирање на урбанистичкото планирање што е вон памет. Меѓутоа кај нас е тоа е нормална законска општа пракса веќе 25 години – објаснува архитектот.

Според него, во законот е решено дека иницијатива за измена и дополнување на ДУП носат советниците, општински органи, а од надвор можат да донесат иницијатива разни правни лица и други заинтересирани правни и физички лица, кои не мора да финансираат туку можат да бидат само иницијатори. Потоа општинската Комисија за урбанизам ја разгледува иницијативата и ако е добра ја става во програмата и Општината ја финансира.

Во ред е ако 5 или 10 отсто од плановите ги финансира некој друг, а не општината, но во практика тоа се сведе на тоа 90 отсто од плановите да ги финансираат приватни лица и ако ги финансираат нормално е дека тие имаат посилен глас од другите граѓани или од општината генерално. Во системот е ставено и кога ќе финансира некој друг, тоа да не влијае воопшто на решенијата што општината ги смета за стручни и прифатливи. Меѓутоа, во стварноста не е така – вели Грчев и додава дека општините треба според предвидената програма за урбанистички планови да обезбедат средства во Буџетот, затоа што ако немаат обезбедено пари, не можат да финансираат изработка на ДУП.

Интересно е што граѓаните никогаш не знаат кој го финансирал планот, затоа што тоа е информација што се практикува да не биде јавно обелоденета. Па така, на подготвените планови може да се прочита кој ги изработиле сите други потребни податоци, освен кој е финансиерот.

Од општините не се многу расположени да го објаснуваат овој проблем, ниту зошто сами не инвестираат во изработка на Детални урбанистички планови. Одговор добивме од Општина Центар од каде што велат дека општината е нарачател и донесувач на планот, а иницијатор и финансиер може да бидат и граѓани или фирми.

Нарачател на деталните урбанистички планови во општините не може да биде никој друг освен донесувачот на планот. Иницијатор, а следствено носител на финансиските импликации од постапката за изработување на деталниот урбанистички план, покрај нарачателот, може да биде и заинтересирано физичко или правно лице – велат од Центар.

Меѓутоа, како што објаснуваат оттаму, Општина Центар, според статусот не само на централно градско јадро, туку и на централно републичко јадро, како простор од највисок јавен интерес, најчесто се јавува и во улога на нарачател и на иницијатор на планот.

Граѓаните ги трпат последиците на урбанистичките планови – можат ли да влијаат врз нивното донесување?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот