Општините од Југозападниот и Пелагонискиот регион чекор поблиску кон интегриран систем за управување со отпад

Фото: „Слободен печат“, Васка М.Младеновска

Неопходно е вложување на максимални напори за заштита на животната средина преку интегриран систем за управување, селекција и третман на сите видови на отпад. Иако државата има стратегија на национално ниво, работите во пракса тешко се спроведуваат, беше речено на регионалната средба во рамките на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“.

Целта на настанот беше да обезбеди поддршка на регионалниот систем за управување со отпад во Пелагонискиот и во Југозападниот плански регион преку презентација на резултатите од спроведените анализи, плановите за развој и креирање форум за соработка помеѓу општините во двата региона.

-Имајќи предвид дека се стремиме да станеме дел од европското семејство а со самото тоа ќе отпочнеме преговори за влез во ЕУ, едно од главните поглавја во преговарачкиот процес ќе биде животната средина и нејзината заштита.Токму поради тоа, сите ние како чинители на општественото уредување треба да вложиме максимални напори во насока на заштита на животната средина, главно селекција и третман на сите видови на отпад за коишто за жал до ден денес и како држава иако имаме стратегија на национално ниво, работите во пракса тешко се спроведуваат и реалноста е многу поинаква. Неопходно е граѓаните постојано да ги анимираме, да го селектираат отпадот, а од Регионалната депонија со европски стандарди, секако дека придобивките ќе бидат големи-рече градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски.

Пеле Халберг меѓународен експерт од „Салар Интернационал“ споделувајќи практични примери од Шведска за подобро управување со отпадот, истакна дека од големо значење е меѓуопштинската соработка и зголемување на ефикасноста низ заедничко користење на достапните ресурси.

-Треба да се промени системот, да се делува заеднички и да се направи систем за плаќање надоместоци за комунален отпад и за општините и за граѓаните-рече меѓународниот експерт Халберг.

Градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски на регионалната средба предочи дека транспортот на комуналниот отпад ќе биде проблем за оваа општина.

-Транспортот за нашата општина ќе биде проблем и на ваквите средби мора да се реши тој дел, како што му беше проблем на општините Битола и Новаци, така и ние не сакаме и нема да дозволиме тој отпад да поминува низ срцето на градот, ќе мора да имаме обиколница-рече градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски.

Општините од Југозападниот и Пелагонискиот регион во периодот што претстои треба преземат чекори за воведување на регионалниот систем за управување со отпад, формирање на регионално комунално претпријатие и утврдување на локациите за изградба на претоварните станици.

Досега се усвоени локални акциски планови за управување со отпад во 14-те општини, и извршена е процена на капацитетите на општините да испорачаат интегрирани и инклузивни комунални услуги.

На регионалната средба во Општината Новаци беа презентирани конкретни мерки за подобрување во општинските администрации, инфраструктурата, финансиската стабилност и подигнување на јавната свест за одржливо управување со отпадот, а беа споделени и резултатите од извршената анализа на ризиците од пожари на депониите и мерки за нивна превенција.

Проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ е финансиран од Сида (Шведската агенција за меѓународна развојна соработка), а имплементиран од Шведската асоцијација на локални власти и региони „Салар“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот